Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Знамето Автохтони со картата на голема Албанија со територии од Македонија, Србија, Црна Гора и Грција се вееше на плоштадот во Тетово, на манифестација организирана од градоначалникот Билал Касами.
Повод за настанот беше присуството на косовскиот премиер Албин Курти а во првите редови присуствуваа и Изет Меџити и Африм Гаши. Чинот со веење на знамето, иако во публиката, предизвика низа негативни реакции а освен објавените видеа, слика од собирот со знамето сподели и Касами на социјалните мрежи. Канал 5 иако побара не доби одговор од тетовскиот градоначалник и домаќин дали ќе побара да се санкционираат лицата кои го вееле знамето и пред се дали ќе се извини на граѓаните. Засега само од Министерството за внатрешни работи велат дека:
– СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот.
Но нема одговор дали ќе постапи и обвинителството.
Реакција има кај дел од македонските политичари. Поранешниот претседател на Собранието и претседател на НСДП, Тито Петковски вели:
– Одбивајќи да се сретне со политичари од македонската влада и земајќи си за право да ѝ држи лекција на македонската влада, Албин Курти само потврди дека неговите политики досегаат само до Тетово и до Чаир. Да биде иронијата уште поголема, тој се дружеше само со претставници на македонската опозиција. Свесен е човекот за своите вредности, можности и перспективи. Неговата посета, неговото однесување, пораките што ги упати, заедно со знамето на „Голема Албанија“ на собирот на кој присуствуваше, не претставуваат дипломатски гаф, туку срам!
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски го осуди завчерашниот протокол и организација при пречекот на Курти во општина Чаир и преименувањето на улицата „Втора македонска ударна бригада“ во „Адем Демачи“. А за истакнатото знаме вели дека:
– Истакнувањето на обележје на јавен собир во Тетово од т. н. голема Албанија е спротивно на Уставот и Законите на државата.
Димитриевски упати прашање и до раководството на СДСМ, дали ова ја отсликува заедничката борба за eдно општество за сите.– За ваков ли соживот и заемно почитување се боревме под паролата „едно општество за сите”?,напиша Димитриевски помеѓу другото.
Во целосната посета посета на Курти аналитичарот Алберт Муслиу гледа тендеции на албанските опозициски партии преку него да привлечат свои гласачи, додека за истакнатото знаме на голема Албанија смета дека е погрешен пристап дури во случај на вледување во предизборен период.
– Тоа знаме се вее во публиката. Сигурно дека ќе има тенденции и ги насетуваме, не само во опозицијата туку и кај поголемите македонски партии да се наметне тој националистички наратив што според мене би бил погрешен пристап затоа што не верувам дека со тоа ќе привлечат поголем број на гласачи, може дури и ако ја заострат таа реторика и да одбијат некои од гласачите затоа што ние сме веќе 32-33 години во независна Македонија и знаеме дека обично тие што имаат најекстремни ставови на крај се најкооперативни. Ако тоа е вовед во некоја поекстремна реторика мислам дека би бил погрешен пристап. – Алберт Муслиу – Аналитичар
Премиерот на Косово Албин Курти престојуваше во неофицијална еднодневна посета на земјава без средби со државниот врв, но со заеднички активности со градоначалниците на Чаир и Тетово – преименувањето на улица во Општина Чаир и посета на Вејце. Во синоќешниот говор, како што пренесуваат дел од медиумите, Курти на македонските политичари им порачал и дека Македонија треба да се држи поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија и Александар Вучиќ.