Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас за дел од конфискуваниот имот на Мијалков, наддавањето закажано за 25 август.
Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас на кој се понудени дел од конфискуваните недвижнини од поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков за случајот „Империја“.
Огласот е објавен на страницата на Агенцијата и трае 15 дена, а рокот за поднесување на пријавите е до 23 август до 14 часот.
Наддавањето е закажано за 25 август и ќе се одржи по електронски пат преку системот за електронско наддавање на Агенцијата www.odzemenimot.gov.mk.
Понудени на продажба се два стана во Охрид, од кои едниот од 65 метри квадратни со проценета вредност од Бирото за судски вештачења на 5.775.234 милиони денари, а другиот во истата зграда од 114 метри квадратни проценет на 9.032.505 денари, како и земјиште од 56.818 метри квадратни кај Морани во Општина Студеничани крај Скопје со почетна вредност од 17.045.421 денари и мал плац кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 метри квадратни проценето на 29.686 денари. Сите во вкупна вредност од околу половина милион евра.
– Право на учество на јавното наддавање по електронски пат имаат сите физички и правни лица, освен осуденото лице од кого е конфискувана недвижноста, вработените лица во Агенцијата за управување со одземен имот, како и друго лице кое службено учествувало во постапката за продажба, гласи еден од условите во огласот објавен од страна на Агенцијата за управување со одземен имот.
Претходно, во јули годинава на аукција на берза беа ставени запленети акции на Мијалков.
Во случајот „Империја“, Сашо Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот Мериот.