Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Крлежот што ја носел заразата наречена конго-кримска хеморагична треска бил фатален за животот на за 27-годишната жена од штипското село Кучица.
Вирусот влегол со убодот и тоа што сама го отстранила крлежот нема поврзаност со настанатата тешка состојба што заврши фатално, објаснуваат од Инфективната болница.
Директорката Милена Стевановиќ, но и епидемиолозите потврдуваат дека и нејзиниот сопруг речиси во исто време бил каснат од крлеж, но кај него нема ништо бидејќи тој крлеж не бил заразен со опасен вирус. Појаснувањата на лекарите зошто животот на здрава жена без други болести згаснал е оти лек не постои, има само симтоматска терапија, па се зависи од организмот на поединецот.
Овој вирус има висока смртност која достигнува и до 40%, а на човек се пренесува или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните.
Во меѓувреме, поради тоа што станува збор за зараза, триесетина лекари, но и членови на семејството се ставени под здравствен надзор, па препораката за нив е да не се движат помеѓу други луѓе.
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, во зглобовите, стомакот и повраќање. Можат да се јават и симптоми како црвени очи, зацрвенето лице, дамки на непцето, но и жолтица. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат модринки, а настапува и обилно крварење. Вакцина не постои.
Лекарите укажуваат дека Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета болест која се пренесува преку крлежи, предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae. Вирусот на Конго-кримска хеморагична треска предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска. Смртноста од ККХТ достигнува и до 40%. Инфектолозите советуваат граѓаните да не ги вадат крлежите од телото сами, туку да отидат на лекар.
Според Институтот за јавно здравје, вирусот се пренесува на човек од крлежи на домашни животни. Поголемиот дел од случаите на заболување се однесуваат на луѓе кои се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работници во кланици и ветеринарите. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, слуз, органи или други телесни течности на заболените лица.
ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско.
Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со максимум 13 дена.
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модринки, како и крвавење од носот. Закрепнувањето е бавно.
Прва опишана епидемија на ова заболување во Македонија е во 1971 година, при што заболеле 13 лица со два смртни исходи во едно семејство во с. Чифлик – Тетово. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед на тоа што постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во земјата, ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.
Од Институтот за јавно здравје советуваат дека доколку се престојува во место каде што има крлежи, да се носи облека која нема да остава откриени делови од телото. „Покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови – врат, глава. Носете светла облека за да се овозможи лесно откривање на крлежи на облеката. Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид – перметрин или употребете купена, специјално третирана со перметрин облека, за да се намали можноста за закачување на крлежите на облеката“, советуваат од ИЈЗ.
Дополнителна заштита можат да обезбедат репелентите против крлежи и инсекти со посебна состојка, кои можат да се нанесуваат на гола кожа.
По можна експозиција на убоди од крлежи, лекарите препорачуваат да се направи детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на децата. Крлежите најчесто се закачуваат на главата, вратот и пределот зад ушите, во пазувите, препоните, под градите кај жените и.т.н.
Ризикот од пренос од животно на човек може да се намали со носење ракавици и друга заштитна облека додека се ракува со животни или нивни ткива во ендемични области, особено за време на колење.
Од ИЈЗ советуваат да се избегнува близок физички контакт со лица заболени од ККХТ, да се носат ракавици и заштитна опрема при контакт со болните луѓе, како и редовно да се мијат рацете со вода и сапун по активностите за грижа/нега или посетата на болните луѓе.