Тројца свиркачи од разузнавање и морнарица сведочеа пред американскиот конгрес за пронајдени вонземски остатоци во урнати НЛО


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Пред Надзорниот комитет на Претставничкиот дом во американскиот Конгрес беа сослушани тројца сведоци, свиркачи, кои зборуваа за неидентификувани летечки објекти (НЛО), често нарекувани неидентификувани воздушни феномени, или скратено УАП, пренесува Би-би-си, кое вели дека двата термини (НЛО и УАП) во суштина значат исто.

Пред комисијата сведочеа Дејвид Груш, поранешен американски разузнавач, Дејвид Фрејвор, поранешен морнарички командант и Рајан Грејвс, поранешен морнарички пилот.

Дејвид Груш е свиркач што неодамна тврдеше дека американската влада криела докази за најмалку десетина локации каде што се урнале вонземјански летала. Груш бил дел од Работната група за НЛО-а.

Дејвид Фрејвор е поранешен командант на ескадронот на Црните асови на американската морнарица. Фрејвор рече дека во 2004 година кружел над НЛО додека летал со својот Ф/A-18Ф Супер Хорнет над Пацификот. Фрејвор го опиша објектот како мазен и во облик на тик-так – цилиндар без крила. Од видеото од инцидентот во 2020 година беше тргната ознаката на тајност, заедно со уште две видеа со НЛО.

Рајан Грејвс е поранешен борбен пилот на морнарицата, кој рече дека неговата ескадрила постојано наидувала на мистериозни летечки објекти, кои можеле да останат неподвижни и покрај ветровите на ниво на урагани. Грејвс ја основа „Американците за безбеден воздушен простор“, група што ги поддржува авијатичарите што пријавиле НЛО-а.

„САД знаат уште од 1930-тите“

Грејвс беше првиот што застана пред Конгресот и рече дека неидентификуваните воздушни феномени не се невообичаени во воздушниот простор, но остануваат непријавени. „Владата е свесна за тоа. Јас наидов на еден таков феномен во 2014 година, кога мојот тим откри необични објекти над океанот“, изјави пилотот. „Треба да има системи каде што пилотите ќе можат да пријават такви случаи без страв дека ќе ја загубат работата“, додаде тој.

И ветеранот на американските воздухопловни сили и разузнавачките агенции Дејвид Груш денеска сведочеше пред Конгресот по тврдењата дека Америка „можеби има технологија што е пронајдена во вселенски систем што не е наш“.

„Во текот на моите службени должности, бев информиран за повеќедецениска програма за пронаоѓање на соборени летала и обратен инженеринг на УАП, до кој ми беше забранет пристап“, рече тој. На прашањето дали американската влада има информации за вонземски живот, Груш рече дека САД веројатно биле свесни за „нечовечки“ активности уште од 1930-тите.

На прашањето дали од кое било соборено летало се извлечени „биолошки останки“, Груш одговори: „Како што кажав јавно во моето интервју за Њуз нејшн, на некои од местата на пад на леталата се пронајдени биолошки останки.“ На потпрашањето дали станува збор за човечки или нечовечки биолошки останки, Груш рече дека тие биле нечовечки. „Тоа беше проценка од луѓе што директно знаеја за програмата, а со кои јас разговарав“, додаде тој.

Фрејвор, пак, рече дека бркал НЛО додека летал над Тихи Океан во 2004 година и даде детален опис на својата средба.

„Тоа се случи кога мојот тим откри т.н. ‘бела вода’ на своите радари, и покрај ведрото небо и мирното море без пена од бранови. Феноменот изгледаше како мал бел објект во облик на тик-так и беше над водата“. Додека се обидувале да го следат објектот, тој забрзал пред нив и исчезнал, рече тој.

„Целата средба е снимена на видеозапис од 90 секунди, но инцидентот никогаш не беше истражен“, рече тој.

„Не сум видел тело на вонземјанин“

Груш повторно се вклучи во дискусијата и одговори на прашањето дали владата поседува вакви објекти. „Да. Зборував со најмалку 40 сведоци во изминатите четири години. Информациите за нивните локации им се познати на главните разузнавачки комисии и инспектори“, рече тој.

„Дали сум видел вонземјани или нивен летечки објект? Не можам да зборувам за тоа јавно, но не, не сум видел тело на вонземјанин“, одговори тој.

Со сослушувањето претседаваше претставникот Глен Гротман, републиканец од Висконсин, кој рече дека повеќе од 50 години постои интерес за НЛО, и дека двајца американски претседатели – Џералд Форд и Џими Картер – дури тврдеа дека виделе НЛО.

Но тој рече дека американската влада не е подготвена да се справи со интересот.

Постои „алармантно барање за владина транспарентност и одговорност“ во врска со извештаите за НЛО-а, рече Гротман.

Груш вели дека знае за „неколку колеги“ кои биле физички повредени од активности на неидентификувани аномални појави. Запрашан да даде повеќе детали, тој изјави дека „не може да навлегува во детали“.

Конгресот отворено ја признава посветеноста да ги истражи НЛО-ата, вели Би-би-си, откако со години пратениците заинтересирани за оваа тема главно приватно ги спроведуваа своите истраги.

Иако сведоците како Дејвид Груш рекоа дека голем дел од тие информации се доверливи, тој понуди да ги достави тие информации доверливо до Конгресот во безбедна средина. Ако го стори тоа, тоа би можело да отвори нови патишта за истрага за пратениците.

Сите тројца сведоци рекоа дека НЛО-ата биле потенцијална закана за националната безбедност.