Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Во анкетата која спроведена на глобално ниво, над половина анкетирани низ светот стравуваат од дезинформации и лажни вести во дигиталните медиуми, се наведува во годишниот дигитален извештај на Институт за проучување на медиумите од Ројтерс.
Истражувањето на Ројтерсовиот институт покажало дека 56 отсто од анкетираните низ светот се загрижени за тоа дали ќе мора да ја идентификуваат разликата меѓу вистината и лажната содржина на интернет, што е за два отсто повеќе од минатата година, пренесува Мкд.мк.
Се покажало дека оние кои велат дека главно ги користат социјалните мрежи како извор на вести, кои се 64 отсто, се многу позагрижени околу тоа прашање од луѓето кои воопшто не ги користат (50 отсто).
Тој тренд се забележува и на ниво на држави.
Многу земји со највисоко ниво на загриженост околу тоа прашање имаат тенденција да имаат високо ниво на консумирање вести на социјалните мрежи.
Ова не значи дека употребата на социјалните мрежи предизвикува дезинформации, но документираните проблеми на овие платформи и поголемата изложеност на поширок спектар на извори, изгледа влијаат на тоа колку луѓето се чувствуваат самоуверено во врска со информациите до кои доаѓаат онлајн.
Анкетираните како теми во кои препознаваат дезинформации го наведуваат коронавирусот, вакцинацијата, политиката, војната во Украина, климатските промени.
Довербата во вестите опаднала секаде во светот за два отсто во однос на минатата година, па така во просек од четири до десет анкетирани, односно 40 отсто, велат дека веруваат на повеќето вести по поголемиот дел од времето.
Гледаноста и читаноста на традиционалните медиуми, како телевизијата и печатот, продолжуваат да опаѓаат речиси секаде во светот, при што дигиталните медиуми и интернетот не го надоместуваат јазот.
Имено, податоците на Ројтерсовиот институт покажуваат дека потрошувачите поретко пристапуваат до вестите отколку во минатото и стануваат сè помалку заинтересирани.
Во меѓувреме, бројот на оние кои велат дека ги избегнуваат вестите, често или понекогаш, останува блиску до највисоките вредности на сите времиња и изнесува 36 отсто секаде во светот.
Истражувачите на Ројтерс откриле дека оваа група незаинтересирани луѓе се дели на оние кои се обидуваат повремено да ги избегнуваат сите извори на вести и оние кои се обидуваат да ја ограничат употребата на вестите во одредено време или за одредени теми.
Оние кои ги избегнуваат вестите почесто велат дека се заинтересирани за позитивно новинарство или новинарство засновано на решенија, а помалку за големите вести на денот.
Истражувањето на Ројтерсовиот институт покажало и дека опаѓа бројот на луѓето низ светот кои на вестите им пристапуваат преку интернет сајтови или апликации, за 10 отсто во однос на 2018 година.
Помладите генерации повеќе пристапуваат до вестите преку социјалните мрежи, пребарувачите или мобилните агрегатори.
Фејсбук останува една од најчесто користените социјални мрежи во целост, но неговото влијание врз новинарството опаѓа, бидејќи се поместува фокусот од вестите, но се соочува и со предизвиците кои со себе ги носат Јутјуб и Тикток.
Тикток достигнува 44 отсто корисници меѓу генерацијата од 18 до 24 години секаде во светот, а најбрзо расте во делови од Азија и Пацификот, Африка и Јужна Америка.
Податокот кој може да го објасни стравот од дезинформации или полуинформации е и фактот што публиката вели дека обрнува повеќе внимание на содржините кои ги нудат познати и влијателни личности на социјалните мрежи, како Тикток, Инстаграм или Снепчет, отколку на оние кои на тие мрежи ги пружаат новинари.
Ова е во остра спротивност со Фејсбук и Твитер, каде медиумите и новинарите и понатаму се централни фигури.