ИВЗ е против законот за родова еднаквост, но нема да излезе на протестот од МПЦ – од ИВЗ тврдат дека законот е повлечен од собраниска процедура


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Верниците од исламска вера имаат празник, денеска Исламската верска заедница (ИВЗ) организира и празничен настан, така што нема да учествуваме на протестот што вечерва го организира МПЦ-ОА, изјави Агрон Војника, шеф на кабинетот на поглаварот на ИВЗ, а пренесува Мкд.мк.

Војника додаде дека за присуство на оџи и други претставници не се ниту консултирани од страна на Црквата, а дека кој сака може да оди во приватна режија.

Војника потсети дека ставот на ИВЗ искажан на 7 мај годинава заедно со други верски заедници е дека е против предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост и дека во таа смисла нема битна разлика во однос на гледиштата на верските заедници, односно дека треба да се почитуваат вредностите на традиционалното семејство.

Инаку од ИВЗ тврдат дека спорните закони за родова еднаквост и за матична евиденција во Собранието се повлечени од понатамошни процедури и за ова ѝ честитаат на Владата за преземањето на таквиот чекор, соопшти денеска Исламската верска заедница (ИВЗ), истакнувајќи дека е против донесувањето на таквите закони и дека нејзиниот став е „заштита на традиционалните семејни вредности и по структура и по морал“.