Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска организира сенароден собир во знак на протест поради односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост, кои тие ги сметаат за сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.
Светиот архиерејски Синод на МПЦ – ОА на прес-конференцијата во вторникот упати апел за учество на собирот и потенцира дека тој не е насочен против никого, туку исклучиво против содржината на овие предлог закони, пренесува МИА.
-Образложивме во повеќе наврати и во самото соопштение, експлицитно изразуваме протест против новиот контекст што му се дава на поимот род, против родовата компонента која што е застапена во Предлог законот за родова еднаквост и се користи, се злоупотребува на уште поексплицитен начин во Предлог законот за матична евиденција, којшто предвидува промена на ознака за пол при изјава која што би се базирала на субјективни индивидуални чувства на поединецот.
Ја користам оваа можност да го повикаме допопнително народот за присуство заради тоа што овој протестен рефлекс што црквата го пројавува, сосема погрешно се интерпретира во јавноста, анализирајќи се и перцепцирајќи ја црквата единствено како институција.
Црквата е многу повеќе, црквата е жив организам составен од конкретни луѓе, од заедница која што има вредносен систем кој е апсолутен контрас, апсолутно спротивен на она што ни го нудат и што се закануваат да го донесат овие два предлог закони во нашето општество, но и во црквата, рече на прес-конференцијата епископот Јаков Стобиски.
Појасни дека МПЦ не е против остварување на нечии права туку смета дека она што е спорно во овие закони е дека тие може ќе придонесат за поголемо остварување на нечии права, на поединци или на групи, но тоа, вели, сериозно би ги загрозило правата на мнозинството, на 99 проценти од населението во државава.
Тој, воедно потенцираше дека како црква се оградуваат однапред од каква било злоупотреба во некакви свои цели на овој собир, и не поддржуваат говор на омраза.
-Не поддржуваме никаков говор на омраза, и никакво скандирање и повикуваме на мирни протести. Едноставно да кажеме „не“.
Нашиот собир, присуството на тој собир би значело дека не се согласуваме со вакви предлог законски решенија во таква форма, вели епископот.
Очекува собирот да биде поддржан од сите верски заедници во земјава, кои потпишаа заеднишко соопштение со барање за повлекување на двата спорни закона.
Во видео – порака објавена ден спроти собирот, епископот Стобиски нагласува дека собирот е со цел заштита на децата и семејството.
-Имаме должност да ја разобличиме лагата, силно и јасно да изговориме и да ја исповедаме вистината, но и да ги заштитиме децата и семејството, и да ја одбраниме слободата што не ни е дадена туку така, но за неа не некој друг, туку Христос има платено скапа цена, премногу скапа за да станеме робови на луѓе на некакви човечки идеологии спротивни на духот на Евангелието, вели епископот во видео-пораката.
Светиот архијерејки синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, во понеделникот, преку соопштение до јавноста и видео обраќање на поглаварот г. г. Стефан го објави повикот за Сенароден собир пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје поради процесот на носење на двата спорни закона со порака дека „сите имаме должност да застанеме во одбрана на она што сме го примиле и наследиле од нашите предци да го продолжиме и да им го оставиме на поколоенијата по нас“.
-Светиот архијерејки синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со голема загриженост го следи процесот на носење на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција.
Во предложените закони се упати на низа спорни елементи од страна на стручни лица, експерти и граѓани, но тие не се земаат предвид.
Напротив, законите се обидуваат да се донесат што побрзо и нетранспарентно, на штета на граѓаните, а особено на жените и децата, стои во повикот за собирот.
Одлуката за организирање на собирот беше донесена на седница на САС на МПЦ-ОА на 20 јуни.
Во соопштението од седницата, меѓу другото, се изразува особено жалење и загриженост што релевантните институции го игнорираа соопштението од сите верски заедници, кои претставуваат над 95 проценти од населението, за повлекување од процедура на двата закона и продолжуваат со постапката во скратена форма за сите собраниски филтри, за нивно целосно носење, а кои се сметаат за сериозна закана за општеството, особено за неговата основна клетка – семејството.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација го осудија повикот за протест на МПЦ-ОА, чија единствена цел, како што велат, е да се направи јавен притисок кон повлекување на предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција од собраниска процедура оценувајќи го како директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот, а пред сѐ на жените во земјава и непрепознавање на нивните реални животни ситуации.
-Граѓаните и граѓанките на нашата земја треба да знаат дека со донесувањето на овие закони ќе се подобрат граѓанските права и ќе се унапреди еднаквоста на жените и на родово маргинализираните групи на сограѓани.
Тоа се наши граѓани и граѓанки кои, за жал и спротивно на општото уверување, сѐ уште не можат да ги остварат своите фундаментални права подеднакво како и мнозинството граѓани. . .
Без вакви закони, ЕУ ќе биде уште подалеку, демократијата уште позагрозена, а живеењето во Македонија небезбедно за половина од нејзиното население, велат од Платформата.
Од Хелсиншкиот комитет, во пресрет на собирот упатија апел за безбедност на ЛГБТИ заедницата за време на протестот со совети за избегнување какви било инциденти, вербални напади или провокации во текот на денот на протестот.
Сенародниот собир во организација на Светиот Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, предвидено е да започне во 18 часот пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.