Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Регулаторната комисија денеска ги донесе следните одлуки: Враќање на евтината струја во текот на денот, замена на броила со нови кои далечински ќе се отчитуваат и намалување на цените на струја за четирите блока кои сепак ќе ги „изеде“ враќањето на ДДВ-то за струја од 10 на 18 отсто, пренесува Глас на Америка.
Први декември е датумот кој Регулаторите го одредија за старт на евтината тарифа и ќе биде во траење од два часа од 13 до 15 часот а дотогаш ЕВН Хоум ќе треба да ги спроведе промените во системот за наплата поради воведените четири блок тарифи.
„Во изминатиот период водевме долги дискусии. Нашиот конечен став е дека ефтината тарифа се враќа , со мало одложување кога почнува грејната сезона, однонсо од 1 декември. Тоа е тоа. Регулаторната комисија за енергетика нема да отстапи. Имаа доволен период да се заврши имплементацијата и промените кои треба да се напарават во билинг системот“, рече Бислимовски.
Иако Регулаторната комисија ги намали цените на струја за четирите блока за домаќинствата сепак цената која ќе ја плаќаат граѓаните ќе биде незначително повисока бидејќи од 1 јули ДДВ за струјата се враќа од сегашните од 10 отсто на 18 отсто.
Претседателот на Регулаторната комисија денеска ги соопшти новите цени на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи кои се пониски од оние во претходниот период и со тоа го аморитизира враќањето на ДДВ-то од 1 јули кое има вкушно учеството во цената од 7,2 отсто. Намалување и тоа незначително од 0,3 отсто ќе има само во првиот блок, додека во останатите три блока цената на струјата е повисока.
„Во првиот блок намалување без ДДВ е 7,04 проценти, со ДДВ математички е пресметано е намалување од 0,28 проценти. За вториот блок е зголемување заради ДДВ-то 2,88 проценти, за третиот блок е 9,99 проценти за четвртиот блок е 9,87 проценти. За малите потрошувачи заради заокружување на бројките, бидејќи кај нив нема влијание на ДВВ, голем дел од компаниите прават поврат на ДВВ, е 0,3 отсто зголемување“, изјави Бислимовски.
Регулаторна не отстапи и од т.н. паметни броила кои ќе може далечински да се отчитуваат преку интернет конекција а рокот за замена ќе биде најмногу до две години. Овие броила ќе ја отчитуваат потрошената струја од првата до последната секунда во тековниот месец и со тоа Бислимовски смета дека ќе се зголеми довербата на граѓаните и ќе се намали бројот на поплаки.Замената на броилата ќе биде вкалкулирана во цената која ќе ја плаќаат граѓаните.
„Во наредните една до две години, инсистираме постоечките броила, сите да се заменат со броила со можност за далечинско отчитување и на тој начин ќе ги отстраниме сите сомнежи кај потрошувачите во однос на времето и периодот на отчитување. Се разбира дека тие броила се нешто поскапи од постоечките и треба интернет конекција за далекински да се отчитуваат но тоа е незначителен трошок во вкупната цена и во однос на придобивката и довербата кај граѓаните. Трошокот на новите броила ќе падне на Електродистрибуција кој се разбира дека ќе го пријави во Регулаторната комисија при определувањето на цената како и при промената во 2009 година“, објасни Бислимовски.
Регулаторите не ги прифатија трошоците и барањата на енергетските оператори МЕМО, МЕПСО и Електродистрибуција за зголемување на цените од 32 до 83 отсто. Цените на услугите на МЕПСО се намалуваат за 17,06 отсто на МЕМО се зголемуваат за 5,29 отсто и тие имаат незначителен удел во конечната цена за граѓаните а цената на услугата на Електродистрибуција се зголемуваат за 2,12 отсто.
Претседателот на Регулаторна, Марко Бислимовски, апелираше до ЕСМ и ЕВН Хоум да ги следат трендовите на светските пазари и да купуваат на берза во текот на денот кога цената е пониска од производствената но и да се купува струјата која се произведува од фотоволтаичните електрани во државата по пониска цена од пазарната со што ќе се намалат трошоците во енергетскиот секот, ќе се купува далеку помалку јаглен и ќе се зачуваат резервите вода во хидрокапацитетите.