Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Стејт департментот на САД ги стави на црната листа и ги прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, неговата сопруга и трите деца за непожелни личност за влез во САД „поради неговата вмешаност во значителна корупција“.
Во писмената изјава на портпаролот на Стејт депратментот Метју Mилер се вели дека Мерко како градоначалник злоупотребил фондови и се мешал во судските и други јавни процеси.
Ваквото однесување на Мерко влијаело во намалување на довербата на населението во „демократските институции на Северна Македонија“.
Ова е отворена порака на САД до Македонија во правец на засилување и стабилност на демократските иnституции и владењење на правото. Со ова сакаме да ги потсетиме сите институции на нивната задача во борбата против корупцијата, се вели во изјавата.
ДУИ, матичната партија на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е во шок откако Стејт департментот реши Мерко и неговото потесно семејство да ги прогласи за непожелни личности за влез во САД „поради неговата вмешаност во значителна корупција“.
Во меѓувреме премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ставањето на Мерко на црната листа на САД потврдува дека на правосудниот систем му е потребен ремонт. Опозициските партии побараа оставка од Мерко, а американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер вели ова не е крај на црната листа на личности од Македонија.
А од Мерко ни трага ни глас. Тој вчера го откажа одбележувањето на 21 Јуни, Денот на езерото кој традиционално се одбележува со градоначалниците на Охрид, Струга, Поградец и Дебарца, а на кое требаше да присуствува и министерката за животна средина, Каја Шукова.
После Холандија, и САД ѝ стави печат на ДУИ како партија со корумпирани кадри кои влијаат врз правосудството. Но ова за нас не е ниту новост, ниту изненадување. Рамиз Мерко е само една нишка во големата пајажина на корупцијата што ДУИ ја создаваше изминативе 20 години. Секако, зачудува фактот што МВР и Јавното обвинителство уште молчат, се огласија од Алтернатива.
Министерот за образование и наука и висок функционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Јетон Шаќири, кој го споменува Алтернатива е засега единствениот од ДУИ кој официјално го кажа својот став, а тоа е дека ДУИ е политичка партија, која секогаш била за ветинг за сите функционери.
„ДУИ како политичка партија секогаш била за ветинг и ДУИ го бара ветингот за сите функционери кои доаѓаат од централно и локално ниво“, изјави Шаќири.
Шаќири информира дека ќе има и официјален став од партијата. И Додека се чека официјалниот став, неофицијално високи извори од ДУИ за порталот Лидери.мк велат дека во наредните денови се очекува средба на претседателот на партијата Али Ахмети со американскиот амбасадор или заменикот амбасадор во Скопје. По тој состанок Ахмети ќе одлучи дали ќе бара оставка од Мерко од функцијата градоначалник и нови избори во Струга или не.
И додека ДУИ чека да ги викнат во амбасадата на САД во Скопје, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ставањето на Мерко на црната листа на САД потврдува дека на „истражниот и на правосудниот систем им е потребен ремонт“.
„Наводите што се наведени за ставење на црната листа на градоначалникот на Струга, се сериозни. Се работи за неколку основи. Нашите истражни и правосудни органи треба да ги испитаат наводите што се наведени во соопштението од Стејт Департментот и да се прашаат како САД дошле до такви информации на коишто ја базираат својата одлука, а се наоѓаат неколку илјади километри далеку од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци сите овие години“, рече Ковачевски.
Според премиерот, овој случај уште еднаш потврдува колку е важно да продолжат европските инетграции на земјата кои меѓу другото значат и зголемување на нивото на правото на владеење и борбата против корупцијата.
„Сите оние кои се против овој процес, се против овие основи и овие придобивки“, рече Ковачевски.
Извор: Мкд.мк