СИПРИ алармира: Влегуваме во еден од најопасните периоди во човечката историја


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Истражувачите на Стокхолмскиот институт за мировни истражувања СИПРИ алармираат дека сите држави кои важат за нуклеарни сили го форсираат нуклеарното вооружување. Во својот годишен извештај тие предупредуваат на сè поголем број на оперативното нуклеарно оружје.

СИПРИ прави разлика меѓу оперативните и вкупните залихи нуклеарно оружје: во вкупните залихи спаѓа и постарото нуклеарно оружје и она наменето за разградба односно расходување.

„Влегуваме во еден од најопасните периоди во човечката историја“, кажа директорот на СИПРИ Ден Смит и повика на обнова на „нуклеарната дипломатија“ и јакнење на меѓународната контрола над нуклеарното оружје.

Во извештајот на СИПРИ се наведува дека деветте нуклеарни сили – САД, Русија, Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел – продолжуваат да ги модернизираат своите нуклеарни арсенали. Од почетокот на 2022 до почетокот на 2023 година глобалната залиха на нуклеарни боеви глави, според проценките на СИПРИ, се намалила за речиси 200 парчиња на проценети 12.512, но бројот на оперативното нуклеарно оружје се зголемил за 86 парчиња на проценети 9.576.

Помалку транспарентност

Русија и САД држат во состојба на готовност 2.000 боеви глави. Тие се монтирани на ракети или се во воените бази заедно со бомбардерите. Според истражувачите на мирот, Русија и САД заедно поседуваат речиси 90 отсто од вкупното нуклеарно оружје.

Нивните арсенали останале стабилни во текот на 2022 година, иако транспарентноста е значително намалена по почетокот на војната во Украина. Ни британската влада во 2022 година не објавила јавно со колкав број нуклеарно оружје располага.

Директорот на СИПРИ Смит истакна дека сè поголемите залихи не можат да се објаснат со војната во Украина бидејќи сега е потребно повеќе време за развој на нови боеви глави. Освен тоа, земјите со најголем пораст на нуклеарното вооружување не се директно погодени од војната.

Значително зголемување на нуклеарното оружје во Кина

Најголемиот раст – 60 нови нуклеарни боеви глави – бележи Кина, која ги зголемила своите залихи на нуклеарни боеви глави од 350 на 410. Следат Русија (12), Пакистан (5), Северна Кореја (5) и Индија (4).

Истражувачите на СИПРИ очекуваат кинескиот арсенал на нуклеарно оружје да продолжи да се зголемува, за оваа земја до крајот на деценија да може да располага барем со толку балистички интерконтинентални ракети колку што имаат САД и Русија.

Индија и Пакистан во 2022 година исто така вовеле и понатаму развиваат нови видови нуклеарни носачи. Индиското оружје сега е дизајнирано за поголеми дострели и би можело да достигне мети по цела Кина, проценуваат истражувачите.

СИПРИ со загриженост укажува на генерално засилената реторика на државите за важноста на нуклеарното оружје. И Северна Кореја продолжува да ја гледа својата нуклеарна програма како централен елемент на својата безбедносна стратегија. Истражувачите проценуваат дека таа земја до сега направила околу 30 боеви глави и дека има доволно материјал и за до 70 боеви глави.