Во Германија судско рочиште за првата тужба против БиоНТек за несакани последици од нивната вакцина против коронавирусот


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Претставници на фармацевтската компанија БиоНТек утре ќе се појават пред Окружниот суд во Хамбург по тужбата во која една Германка бара компензација за тешките последици од нивната вакцина против Ковид-19.

Ова е прва во серијата можни тужби против компанијата во Германија поради несаканите ефекти од вакцината.

Жената го тужи германскиот производител за најмалку 150.000 евра заради нанесување физички повреди и неутврдена материјална штета, се наведува во отштетното побарување за кое ќе решава Окружниот суд во Хамбург.

Тужителката тврди дека поради вакцината имала болки во горниот дел од телото, отечени нозе и раце и пореметување на сонот. Нејзиниот адвокат, Тобијас Улбрих, изјави дека има намера да ја оспори оценката на германскиот регулатор и Европската агенција за лекови (ЕМА) дека вакцината на БиоНТек има позитивен сооднос на користа и штетата.

Според германскиот закон, производителите на вакцини и лекови се предмет на тужби и барања за отштета доколку „медицинската наука“ покаже дека нивните производи прават несразмерна штета или ако упатствата на лекот се погрешни.

БиоНТек, компанијата која ја разви вакцината „Comirnaty“ во соработка со американскиот производител Фајзер, смета дека тужбата е неоснована. Оваа вакцина, посочува компанијата, е инјектирана врз 1,5 милијарда лица ширум светот, вклучувајќи и повеќе од 64 милиони Германци.

ЕМА тврди дека вакцината е безбедна и дека во првата година од пандемијата помогнала да се спасат речиси 20 милиони животи ширум светот. ЕМА, сепак, признава дека по вакцинацијата со Comirnaty постои мал ризик од развој на миокардитис и перикардитис, два вида на воспаление на срцето, и тие најмногу ги погодуваат младите мажи.

Агенцијата досега има добиено околу 1,7 милиони поплаки за несакани ефекти кои се појавиле по примањето на вакцината против Ковид-19. Станува збор за 0,2 случаи на 100 применети дози.