Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Членовите на оркестарот на Македонската Филхармонија, денеска во 13 часот повторно ќе излезат на протест пред Министерството за култура, бидејќи, како што инфрмираат, уште немаат конкретен одговор, ниту решение на проблемот кој настана со носењето на одлуката новоформираниот Џез оркестар просторно да биде сместен во објектот на Филхармонија.
„Иако Министерството за култура вети дека интензивно ќе работи на решение кое набргу ќе го сподели со сите засегнати, поминаа скоро два месеца, а одлуката се уште не е променета“, наведуваат од Филхармонија.
Изминативе два месеци, Филхармонија и нејзините вработени се мета на остри напади чија основна цел е ширење лаги и дезинформации со кои се прави дефокус од суштината, аргументите и фактите кои одат во наш прилог, се вели во соопштението на Филхармонија и се додава:
„Во овие јавни напади и понижувања на вработените и нашата институцијата, нема ништо коректно и издржано, напротив се пласира елементарна неукост и непознавање на ‘материјалот’, се шири говор на омраза за нашата институција, јавно се повикува на бојкот на нашите концерти…
Некој свесно и оркестрирано сака да го избрише и фактот дека од самиот почеток им даваме поддршка на нашите колеги џезери и дека немаме ништо против тоа да одржуваат концерти (без никаков надомест) во објектот на Филхармонија.
Ние сме против одлуката просторно да се смести уште една институција на нашата адреса.
Деновиве беше извртена и симболиката на жолтите ленти, повторно на ист начин – со ширење лаги и инсинуации.
Јавноста ја дезинформираат луѓе кои никогаш не стапнале во објектот на Филхармонија, ниту пак биле на некој од нашите концерти.
Нивниот оркестриран обид за дефокус од проблемот, нема да не поколеба, ние сме сплотени како никогаш досега и ќе се бориме одлучно, со факти и аргументи против нетраспарентната одлука која Министерството за култура ја донесе зад затворени врати.
Ова не е политичка борба и ниедна политичка партија не стои зад нашите ставови и цврста определба. Ова не е борба против нашите колеги!
Ова е заедничка борба на 108 вработени во Филхармонија против штетната одлука која ја донесе Министерството за култура“