Студиите покажуваат дека секој трет адолесцент има симптоми на депресија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во периодот кога светот го тресеше пандемијата од ковид-19, адолесцентите се соочиле со драматичен прекин на нивните вообичаени дневни рутини и со поголеми предизвици во однос на менталното здравје во споредба со возрасните.

Студиите потврдуваат дека долгата социјална изолација, затворањето на училиштата, прекинот во дневните рутини, несигурноста, грижата за здравјето и добросостојбата на членовите од семејството и блиските луѓе, имаа големо влијание врз менталното здравје на адолесцентите. Како последица на тоа, се зголемило и нивното чувство на депресија и анксиозност, пишува Мкд.мк.

Ова беше потенцирано на конференцијата „Менталното здравје ги засега сите“, што се одржа во Скопје, а каде беа претставени резултатите од направени истражувања за менталното здравје.

Секој трети адолесцент изјавил дека има симптоми на депресија. Четириесет и два отсто од адолесцентите пријавиле дека доживеале умерени до сериозни симптоми на анксиозност. И покрај тоа, повеќе од половина од испитаниците што изјавиле дека имаат потреба од услуги за менталното здравје, не побарале такви услуги.

Во истражувањето се наведува дека многу поголема е веројатноста девојчињата да пријават симптоми на депресија во споредба со момчињата, дури шестпати.

Студиите покажуваат и дека повеќе од 54 отсто од младите мајки, кои пријавиле сериозни симптоми на депресија, не успеваат да воспостават емоционална врска со новороденчето што е клучен фактор за здравјето и развојот на детето, но, исто така и за менталното здравје и благосостојба на мајката.

На конференцијата, УНИЦЕФ, заедно со клучните чинители и партнери од земјата, отвори дискусија за системското зајакнување на поддршката на менталното здравје на децата и нивните семејства, со посебен осврт на зголемување на инвестициите во услугите за ментално здравје и психо-социјална поддршка, соодветен пристап кон менталното здравје во училиштата и во заедницата и промена на јавниот дискурс за да се намали стигмата поврзана со менталното здравје.

УНИЦЕФ ги претстави клучните резултати од програмите за ментално здравје на децата и адолесцентите, вклучително и главните наоди од двете истражувања за менталното здравје, први од таков вид во земјата, што беа спроведени со финансиска поддршка од УСАИД и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија во текот на третата година од пандемијата со ковид-19 во средината на 2022 година.

Значаен аспект од поддршката на УНИЦЕФ за менталното здравје е децата да учат во училишта што обезбедуваат сигурна и заштитничка околина без насилство. Во тој контекст, УНИЦЕФ со поддршка од УСАИД работел со Бирото за развој на образованието за да им понуди можност на училиштата да промовираат позитивно ментално здравје и добросостојба, да ја зајакнат отпорноста и да градат животни вештини кај учениците, да се борат против стигмата и да го зајакнат пристапот до услуги за поддршка на менталното здравје.

Како резултат на овие интервенции, 60 отсто од вработените во училиштата, вклучително и психолози и педагози, посетувале обука за воведување програма за ментално здравје и психо-социјална поддршка. Вкупно 3.000 наставници од одделенска настава биле обучени за примена на модулот за ментално здравје како дел од Националниот концепт за основно образование.

Со финансиска поддршка од УСАИД и Европската унија, УНИЦЕФ исто така обезбедил поддршка за практичарите кои работат со најранливите групи деца и семејства. Повеќе од 100 социјални работници се здобиле со алатки за да ја подобрат сопствената психолошка издржливост и за да обезбедат подобар системски одговор на кризни ситуации. За потребите на децата и семејствата била воспоставена телефонска линија за психо-цосијална поддршка и совети за менталното здравје.

Како еден од следните чекори по конференцијата за ментално здравје, УНИЦЕФ ќе продолжи со поддршката на унапредување на Националната стратегија за ментално здравје со фокус на четири области што бараат меѓу-секторска соработка.

Доколку некој има потреба од психо-социјална помош или поддршка на менталното здравје, може да се јави на 072 912 676 за анонимен и доверлив совет од клинички психолози од Универзитетската клиника за психијатрија.