Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Јавната популарноста и поддршка на францускиот претседател Емануел Макрон е значително падната и сега него го поддржуваат само 28 отсто од граѓаните што е најмала поддршка од почетокот на мандатот. Резултатите се утврдени со анкета на институтот Ипсос.
Додека Макрон синоќа држеше свечен говор по потпишувањето на законот за спорната пензиска реформа, исклучително непопуларна во Франција, многу граѓани низ земјата тропаа со тенџериња.
Целта на бучниот протест беше Французите да покажат дека не сакаат да го слушаат затоа што тој не ги слуша нив.
Следеа протести со инциденти како и во претходните недели за време на собирите на неколку стотици илјади незадоволни граѓани поради пензиската реформа. Протестите почнаа кон средината на јануари кога во јавноста почна да се спомнува реформата и спорната точка за граѓаните во пензија да се оди на 64 наместо на 62 години.
„Макрон сакаше лично да ја отелотвори моќта истакнувајќи ги добрите моменти, но на крајот стана олицетворение на отфрлањето на сопствената политика“, оцени аналитичарот Антоан Бристиел од фондацијата Жан Жорес.
Според него, постои бездна која веројатно тешко ќе се надмине и тоа меѓу граѓаните од една, и претседателот и владата од друга страна.
Синдикатите повикаа на големи протести на 1 мај, на Меѓународниот празник на трудот.
По три месеци протести и граѓанско незадоволство, пензиската реформа беше усвоена на 20 март. Владата ја искористи уставната дупка реформата да помине без гласање во парламентот. Законот потоа го потврди Уставниот совет и на крајот Макрон го потпиша во саботата.