13-годишно момче во САД почина поради апсурден ТикТок предизвик


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


13-годишен тинејџер од Охајо трагично го загуби животот откако се предозирал со лекови без рецепт, додека се обидувал да направи вирален предизвик на ТикТок, пишува „Њујорк пост“.

Имено, 13-годишниот Џејкоб Стивенс, учествувал во „Бенадрил предизвикот“, опасен тренд во кој учесниците земаат 12 до 14 антихистаминици, шестпати повеќе од препорачаната доза, за да предизвикаат халуцинации.

Потенцијално смртоносниот предизвик почна да се рапространува во 2020 година кога тинејџерите ги постираа своите обиди на социјалната мрежа ТикТок со цел да стекнат влијание кај своите следбеници.

Таткото на Џејкоб, Џастин, изјави за „Еј-би-си 6“ дека неговиот син минатиот викенд бил дома со пријателите кога се предозирал.

На снимката што ја направиле неговите другари, се гледа како момчето ги зема апчињата, по што, наводно, неговото тело престанало да функционира нормално.

„Тоа беше премногу за неговото тело“, изјавил таткото на тинејџерот.

Џејкоб потоа бил итно пренесен во болница и ставен на респиратор. И покрај максималните напори на лекарите, момчето починало шест дена подоцна.

Неговиот татко Џастин го опишал моментот кога ја слушнал катастрофалната вест дека неговиот син нема да се разбуди.

„Немаше ништо на скенирањето на мозокот“, рече ужалениот татко. „Лекарите рекоа дека можеме да го задржиме на респоратор, дека ќе може само да лежи, но никогаш нема да ги отвори очите, никогаш нема да дише самостојно, да се насмее, да оди или да зборува“.

Бабата на момчето, Дијана Стивенс за една локална телевизиска станица изјавила: „Ќе направам сѐ што можам за да бидам сигурна дека ниту едно дете нема да страда од вакво нешто“.

13-годишниот Џејкоб ќе биде запаметен како добро воспитано, весело и сакано момче. За жал, тој не е првата жртва на предизвикот „Бенадрил“.

Во август 2020 година, 15-годишно девојче фатално се предозирало со лекот за алергија за време на уште еден несреќен обид за предизвик.

По серијата смртни случаи, производителот „Џонсон и Џонсон“ објави јавен апел во врска со предизвикот, предупредувајќи: „Бенадрил трендот на ТикТок е крајно загрижувачки, опасен и треба веднаш да се прекине“.

Администрацијата за храна и лекови исто така објави оглас за јавен сервис.

„Земањето повисоки дози од препорачаните на вообичаениот лек за алергија дифенхидрамин (бенадрил) може да доведе до сериозни проблеми со срцето, напади, кома или дури и смрт Здравствените работници треба да бидат свесни дека „Бенадрил предизвикот“ се јавува меѓу тинејџерите и да ги предупредат своите старатели за тоа“, напиша агенцијата.