Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Бившиот претседател на САД, Доналд Трамп, апелираше до своите колеги републиканците да го прекинат финансирањето на американското министерство за правосудство и Федералното истражно биро (ФБИ). Овој апел доаѓа еден ден откако во Њујорк се изјасни дека не е виновен по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни книги.
Трамп, кој сака повторно да стане претседател во 2024, се нафрли на сојузните тела на власта во момент кога окружниот обвинител на Менхетн поднесе кривично обвинение против него – прво поднесено против кој било поранешен или сегашен американски претседател.
„Републиканците во Конгресот би требало да ги укинат средствата за министерството за правосудство и ФБИ додека не се вразумат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут.
Предлогот на Трамп би бил остар пресврт за републиканците, кои во минатото поддржуваа големо финансирање на спроведувањето на законите и ги критикуваа предлозите на некои левичари да им се одземат средствата на локалните полициски оддели.
ФБИ, дел од министерството за правосудство, а американска домашна разузнавачка агенција. Самиот Трамп го постави сегашниот директор на ФБИ, Кристофер Реј, откако го отпушти претходниот директор Џејмс Коми во 2017 година.
Трамп го поддржа зголемувањето на буџетот на министерството на правосудство додека беше претседател од 2017 до 2021. Буџетот во тој период се зголеми за 4 отсто, на 38,7 милијарди долари.
Претседателот Џо Бајден, во своето буџетско барање за фискалната година од 1 октомври, од Конгресот побара околу 50 милијарди долари средства за министерството за правосудство.
Трамп се соочува со две кривични истраги на министерството за правосудство кои ги предводи специјален обвинител кого го постави американскиот државен обвинител Мерик Гарланд.
Едната истрага е фокусирана на обидите на Трамп и неговите поддржувачи да ги поништат резултатите на изборите од 2020 кога изгуби од Бајден. Втората е насочена на доверливите документи кои Трамп ги задржал по напуштањето на кабинетот.
Не е веројатно дека Конгресот може да го спроведе барањето на Трамп. Републиканците го контролираат Претставничкиот дом, а демократите Сенатот. ФБИ одби да ја коментира изјавата на Трамп.