Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Како на некој мафијашки филм, во спектакл кој се пренесуваше во живо на сите американски телевизии, додека про и контра-демонстранти протестираа во близина, Доналд Трамп пристигна во судот во Менхетн каде што формално беше приведен, и му беа земени отпечатоци од прсти и ќе му биде направенa полициска фотографија.
76-годишниот поранешен претседател се очекува да се изјасни за невин за серијата обвиненија кои произлегуваат од исплатата на голема сума пари на порно ѕвезда во замена за нејзиниот молк за сексуалната врска со Трамп, пренесува Дојче Веле.
„Ова изгледа нереално- Вау, тие ќе ме уапсат“, постираше Трамп на социјалната мрежа „Truth Social app“ додека го превезуваа до судската палата.
„Не можам да поверувам дека ова се случува во Америка. МАГА!“, дополни Трамп.
Републиканецот, против кого двапати се водеше постапка за отповикување, е првиот актуелен или поранешен претседател кој е кривично гонет- постапка која ја одведе целата земја во непознати политички води.
Трамп ги поздравуваше своите поддржувачи откако излезе од возилото, придружуван од тајни агенти, пред да влезе во зградата. Наспроти востановената пракса, на Трамп не му беа ставени лисици на рацете пред да влезе во судската палата.
Рочиштето на кое Трамп ќе ја дознае целата содржина на обвинението против него ќе се одржи вечерва, по што тој ќе може да се замине без кауција. Неговите адвокати веќе најавија дека тој ќе се изјасни за невин по сите точки на обвинението.
Трамп тврди дека е жртва на „политички прогон“, но исто така го користи судскиот случај за да ја мотивира својата гласачка база и да собере милиони долари за повторниот обид да влезе во Белата Куќа.
Стотици луѓе се собраа пред судската зграда, бројни поддржувачи, но и противници на Трамп, како и огромен број новинари и полициско обезбедување.
Противниците на Трамп распостелија огромен банер на кој пишува „Трамп постојано лаже“, додека неговите поддржувачи возвратија со транспарент со текст „Трамп или Смрт“. Полицијата мораше да се постави на средина за да ги раздели двете страни.
Трамп беше обвинет на крајот на март од порота, откако јавниот обвинител на Менхетн Алвин Брег отвори постапка против него. Обвинението се заснова на истрагата за исплатата на 130,000 долари на порно актерката Сторми Даниелс само неколку дена пред победата на Трамп на претседателските избори во 2016 година.
Поранешниот адвокат на Трамп и близок соработник Мајкл Коен, сведочеше дека тој и ги исплатил парите на Даниелс во замена за нејзиниот молк за врската со Трамп во 2006 година. Трамп негира дека имал врска со актерката.