Крај на една политичка ера во Црна Гора: Ѓукановиќ загуби, Милатовиќ е нов црногорски претседател


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Јаков Милатовиќ победи на вчера одржаните претседателски избори во Црна Гора, освојувајќи околу 60 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат и актуелен претседател Мило Ѓукановиќ освои околу 40 отсто, објави ЦЕМИ врз основа на над 80 отсто преброени гласови, пренесе Хина.

Излезноста на изборите беше 70 отсто од вкупно запишаните околу 550.000 гласачи.

Изборниот ден беше одбележан со мали нерегуларности, а Мило Ѓукановиќ претходно истиот ден изјави дека ќе му честита на противникот за победата во случај да победи.

По гласањето, Милатовиќ беше сигурен во победата и тврдеше дека во првиот круг разликата била над 70.000 гласови и дека ја сметал за недостижна.

Јаков Милатовиќ е економист, поранешен министер за економски развој во првата влада формирана по парламентарните избори одржани во август 2020 година, на кои Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ го загуби мнозинството во парламентот за првпат по три децении.

Својата изборна стратегија Милатовиќ ја базираше на економската реторика и одлуката на владата во која беше министер да ја зголеми минималната плата во Црна Гора од 220 на 450 евра.

Во пресрет на вториот круг, Милатовиќ беше поддржан од мнозинството противкандидати од првиот круг на изборите, а пред се Андрија Мандиќ, лидер на просрпскиот демократски фронт, кој доби 19 отсто поддршка и Алекса Бечиќ од Демократската Црна Гора, која пред две недели ја поддржаа околу 10 отсто од гласачите.

Милатовиќ е третиот претседател на Црна Гора од независноста во 2006 година.