„Сè секаде сето одеднаш“ растури на 95-то издание на филмските награди „Оскар“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Мултиверзумска филмска авантура „Сè секаде сето одеднаш“ собра најголем број статуетки на 95. доделување на Оскарите, откако беше прогласен за најдобар филм и славеше во дури три актерски категории. Едната од нив е Мишел Јео, која стана првата Азијка која го освоила Оскарот за најдобра женска улога.

„Ова е за сите момчиња и девојки кои гледаат вечерва, ова е светилник на надеж и можности. И дами, не дозволете никој да ви кажува дека сте го надминале својот врв“, изјави Јео.

Нејзините колеги Џејми Ли Кертис и Ке Хуј Кван триумфираа во споредните улоги. Ова беше прва номинација во 45-годишната кариера на Кертис, додека поранешната детска ѕвезда на „Индијана Џонс“ и „Гунизи“ направи голем камбек во Холивуд по речиси четири децении.

„Соништата се нешто во што мора да верувате, јас речиси се откажав од моите. Велат дека вакви приказни се случуваат само во филмови. Ова е вистински американски сон. Моето патување почна на брод. Една година поминав во бегалски камп и некако завршив во Холивуд“, изјави Кван, кој има потекло од Виетнам.

„Сè секаде сето одеднаш“ потврди седум од 11-те номинации, при што тандемот Даниел Кван-Даниел Шајнерт беше награден за режија и за оригинално сценарио.

Триумфот на Брендан Фрејзер во категоријата најдобра машка улога е приказната за уште еден неверојатен камбек. За ѕвездата на бројни комедии од 1990-ите, „Кит“ на Дарен Аронофски беше првата главна улога од 2013.

„Ова е благодарение за Дарен, кој ми фрли креативен спас“, изјави Фрејзер.

Германската воена драма „На западот ништо ново“ освои четири оскари, меѓу кои и за најдобар странски филм, „Пинокио“ на Гилјермо дел Торо е најдобар долгометражен анимиран филм, а „Навални“ најдобар документарец.