Одложено првото судско рочиште за случајот против Жан Митрев


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Првото судско рочиште за судењето за измама на докторот Жан Митрев откако тој во судница се појави со нови адвокати. Следен термин што го даде судијката Лидија Петровска е 5 април.

Од досегашните двајца адвокати на Митрев, Стевица Јосифовски и Гоце Цоневски, ниту еден не се појави во судот. Јосифовски бил на однапред планирано патување, а Цоневски не дојде од здравствени причини. Митрев му го откажа полномошното на Јосифовски и покрај Цоневски ангажирал двајца нови адвокати, Никола Додевски и Никола Лазаров, пренесува 360 степени.

Меѓутоа, тие биле ангажирани непосредно пред денешното рочиште и, тврдејќи дека им треба време да се запознаат со доказите во предметот, побараа одложување.

„Бидејќи полномошното е издадено еден ден пред судењето, а се работи за предмет во кој има илјадници докази, не е физички возможно да се подготви одбрана и да се дојде до еднаквост на оружјата на почетокот на постапката. Одбраната бара да се овозможи соодветен период за да може да се подготви”, рече Додевски.

Обвинителката Искра Хаџивасилева, пак, забележа дека одбраната со другите адвокати била активно вклучена и во текот на истрагата, ги добила доказите и побара во иднина да не се злоупотребува правото на одбрана.

Додевски ѝ реплицира дека обвинетиот има право на слободен избор на бранители и нема законска поткрепа во забелешката на обвинителката и побара да не се врши притисок врз судот. Желба на одбраната беше судење да се закаже на крајот на април, но сепак судијката одлучи да го закаже за 5 април.

Обвинението против Митрев се однесува на прикривање клучни факти за хемофилтрацијата – метод кој бил прикажуван дека е алтернатива за лекување ковид-пациенти, иако не смеел да го прави тоа.

Кога го поднесоа обвинението, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје појаснија дека хемофилтрацијата, како метод, може да најде примена и во третирањето на ковид-пациенти, но оти таа е ограничена, кај најтешки пациенти со тешка клиничка слика. Она што го потенцираа е дека во обвинението не станува збор за тоа дека пациенти во клиниката „Жан Митрев“ починале од хемофилтрација и несовесно лекување, туку дека на пациентите и нивните роднини не им била прикажана целосната слика за методот и биле доведе во заблуда.

„Можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од ковид-19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена“, рекоа од ОЈО Скопје.

Предметот во обвинителството беше отворен по документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван во јули 2022 година. По спроведена истрага, обвинение беше поднесено на 10 јануари годинава, а по прифаќањето следуваше и закажувањето на денешното прво судско рочиште.

Докторот Жан Митрев, пак, во своите јавни настапи, како и во неколкуте соопштенија испратени до медиумите тврдеше дека не измамил пациенти, како и дека ова е хајка против него.