Собранието ги изгласа со мнозинство гласови новите владини министри


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На предлог на претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, доцна синоќа, со мнозинство гласови, Собранието ги избра четворицата нови министри: Кренар Лога – министер за правда; Фатмир Меџити – министер за здравство; Азир Алиу – министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање, пренесува Мкд.мк.

Како Влада, продолжуваме, ефикасно да ги спроведуваме реформите во интерес на граѓаните и ќе го зајакнуваме парламентарното мнозинство, по трасираниот, европскиот пат, со цел членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, како национален и стратешки државен интерес, соопшти Владата.
Новите министри беа избрани со 65 гласа за, ниту еден против и ниту еден воздржан. Само министерот Алиу беше избран со 64 гласа „за” и без ниту еден против и ниту еден воздржан глас.

Собраниската седница на која ќе се расправа за разрешувањето на замениците-министри ќе продолжи утре во 14 часот.

На дневен ред се разрешувањата на заменик-министрите – двајца кадри на Алтернатива: Абдулшуќур Абедини – за земјоделство и Лулзим Алиу – за образование и наука и третиот заменикот за одбрана – Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.

Оставки поднесоа и Агим Нухиу (ДУИ), заменик за правда, како и заменикот во здравство, Владимир Рендевски (СДСМ).

Потоа треба да следува уште една точка од дневниот ред на оваа седница, а тоа е предлогот за именување на нови заменици – Агим Нухиу, заменик-министер за образование и наука, Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана; Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство; Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда и Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство.