Предлог на српското здружение ХОРЕС бакшишот во Србија да биде вклучен во фискалната сметка како задолжителна ставка


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Српското Здружение на хотелиерско угостителство (ХОРЕС) предлага воведување бакшиш до 10 отсто како задолжителна ставка на фискалната сметка. Овој предлог наиде на различни реакции во нашиот северен сосед.

Едни сметаат дека таква практика постои во многу земји во светот и дека треба да се имплементира, други велат дека одлуката да му се остави бакшиш на келнерот треба да биде личен избор.

Според ХОРЕС, бакшишот треба да биде доброволен, да изнесува до 10 отсто од сметката и за него да не се плаќа данок. Здружението планира предлогот за законско воведување на бакшиш да го достави до министерствата за туризам и финансии.

Претседателот на здружението Георги Генов појаснува дека предлогот се однесува на плаќање со платежни картички бидејќи бакшишот во готовина е невозможно да се контролира.

– Се работи за плаќања со картички, а околу 90 отсто од плаќањата се вршат на тој начин, до одредена сума. Тогаш не би се оданочувале 100 динари, останатото би било во каса и би се плаќало на работниот персонал, не само на келнерите, туку и на оние што работат во кујна и слично – изјави Генов.

Српското Здружение на потрошувачи „Ефектива“ е против воведувањето бакшиш, како задолжителна ставка во фискалните сметки што ги издаваат рестораните, бидејќи тоа ќе значи дополнителна обврска за потрошувачите.

Според ова здружение, бакшишот е подарок со кој задоволен потрошувач го наградува оној што го послужил и дека ако нешто е подарок, тогаш тоа не може да биде задолжително, туку прашање на избор и размислување. на задоволство од дадената услуга, а правото на избор е, нагласуваат, едно од основните права на потрошувачите.

– Законот за заштита на потрошувачите предвидува потрошувачот да плаќа за услугата што му е дадена, сразмерно на количината или вредноста на таа услуга. Преку цената на храната и пијалоците во угостителскиот објект, кои се многукратно повисоки од редовните цени во продавници, потрошувачот веќе плаќа за добиената услуга, бидејќи во цената на чинење влегува и работата на персоналот – потсетуваат од Здружението.

Оттаму сметаат дека со задолжителен бакшиш ќе се воведе доплата за веќе платена услуга.

Здружението сепак не е против опцијата бакшишот да биде дел од фискалната сметка како одраз на доброволност, но оттаму додаваат дека тоа не смее да биде обврска за потрошувачите.

Во некои земји, како САД, бакшишот е вообичаена практика. Процентот кој се наплаќа за оваа цел во сметките изнесува 15-20 отсто од сметката.