САД ја орхабруваат Европа да воведе санкции за корумпираните „играчи“ од Западен Балкан


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Главниот проблем со кој се соочува Западен Балкан е корупцијата, изјави Габриел Ескобар, заменик помошник на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, на панел за регионот во Вашингтон во организација на економскиот форум Делфи, пренесува Гласот на Америка.

„Повеќе од било што во регионот, повеќе од каква било етничка тензија, корупцијата е основен проблем во многу од државите. Одговор на тоа е процесот на пристапување. Поглавјата 23 и 24 за владеење на правото, транспарентност во судските постапки, отстранувањето на политичкото мешање во полицијата и во судот, ова е навистина важно. Но, во меѓувреме, мора да бидеме многу јасни за тоа кој го предизвикува ова и треба да наметнеме последици“, рече Ескобар.

Тој рече дека САД воведуваат голем број санкции за корумпирани актери и ја охрабри и Европа да го направи истото.

„Луѓето реагираат на нив и тие се многу ефективни“, рече Ескобар.

Според него, освен тоа што државите треба да си ја завршат домашната задача, потребна е и поголема кредибилност во процесот на проширувањето на ЕУ.

„И јас би рекол дека има многу чекори што можеме да ги преземеме во меѓувреме, кои ќе им дадат на луѓето конкретни резултати за тоа како Европа ќе ги подобри нивните животи. Мислам дека ова би биле некои мерки за градење доверба кои би нè вратиле на вистинскиот пат“.

Ескобар истакна дека во регионот доминираат националистички партии и постојат етнички тензии, поради што „процесот на проширување мора да оди многу побрзо“.

На истиот форум во Вашингтон зборуваше и поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој истакна дека процесот на проширување на ЕУ мора да се врати на суштината и прогресот да зависи од тоа како државите владеат дома.
„Треба да бидеме во можност да се споредиме со најдобрите. Не е доволно да се прави споредба меѓу Србија, Македонија и Албанија. Треба да можеме да се споредуваме со Бугарија во однос на тоа како се бориме против корупцијата и во однос на тоа колку се слободни медиумите. Ова ќе помогне бидејќи ќе стане потешко за некои земји-членки да блокираат за прашања ако на некој начин го прават истото во нивните држави”, рече Димитров.

Тој, за Гласот на Америка, изјави дека е корисно да има лупа од САД за борбата против корупцијата во регионот.

„Ескобар спомна дека е корисно да се знае кои луѓе се вклучени во корупција, и дури рече дека ја охрабруваме ЕУ да го следи нашиот пример со американските санкции. Тоа може да направи разлика ако стигнат такви сигнали од Америка. Кон компании, индивидуалци и така натаму. Тоа ќе помогне во битката наша, ама битката е наша”, рече Димитров.