Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Помина повеќе од една година откако беше нарачано и откако во декември 2022 година беше изготвено супервештачењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, денеска во Основниот кривичен суд Скопје судскиот процес почна од почеток. Меѓутоа, почетокот беше само формален бидејќи странките се согласија доказите што беа изведени досега само да се прочитаат и судењето продолжи онаму каде што застана.
На денешното рочиште се читаа насловите на двете супервештачења и имињата на машинските и сообраќајните инженери што ги изготвиле, по што следуваше ново одложување бидејќи и обвинителот и адвокатите бараат седумте инженери да сведочат во судница. Со оглед дека не можеле да се усогласат да бидат присутни на денешното рочиште, нивното сведочење се очекува да биде на рочиште в четврток кога ветиле дека ќе бидат присутни.
Автобуската несреќа се случи пред речиси четири години, на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ кој возеше на редовна линија Скопје-Гостивар излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. Загинаа 16 патници, а 37 беа повредени.
Обвинети во овој судски процес се шест лица: сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека другите за соучество во истото дело.