Замина уште една рок-легенда: Почина култниот гитарист Џеф Бек


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На 78-годишна возраст почина Џеф Бек, еден од највлијателните рок гитаристи на сите времиња. На неговиот профил на Твитер беше објавено дека починал откако неодамна фатил бактериски менингитис.

Британскиот музичар се проби како член на „Јардбрдс“, пред да формира своја сопствена група со Род Стјуарт. Неговите тон и начин на свирење ја редефинираа гитарската музика во 1960-ите и извршија големо влијание врз жанрови како хеви метал, џез рок, па дури и панк. Тоа е она што особено го истакнуваат бројните музичари кои денеска се простуваат од Бек, па Брајан Меј од „Квин“ го опиша како „апсолутниот врв на гитарското свирење“, додека гитаристот на „Лед Цепелин“, Џими Пејџ, кажа дека „тој имал неограничена музичка имагинација“.

„Светот го изгуби еден од најголемите гитаристи на сите времиња“, изјави Мик Џегер.

Бек се вљубил во рокенролот уште како дете и првата гитара ја добил како тинејџер. Тој се придружи на „Јардбирдс“ во 1965 како замена за Ерик Клептон. Таму се задржа две години, по што формираше своја сопствена група, чии први два жестоки албума ги поставија темелите на хеви металот. По заминувањето на пејачот Род Стјуарт и басистот Рони Вуд, Бек се врати со успешни инструментални албуми.

Во 1980-ите соработуваше со имиња како Најл Роџерс, Род Стјуарт, Мик Џегер и Роџер Вотерс, а од крајот на 1990-ите повторно почна да снима соло албуми, по што ја освои четвртата Греми награда. Последниот албум го објави лани заедно со Џони Деп.