Приватните првозници ќе го одблокираат булеварот „Илинден“ – одат на разговори со премиерот Ковачевски


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Приватните превозници од Скопје кои периодов ги блокираа скопските улици во знак на протест заради неисплатени финансиски средства од страна на градот, ги послушаа, како што велат, сугестиите на премиерот Димитар Ковачевски и попладнево почнуваат со повлекување на автобусите кои беа паркирани на булеварот „Илинден“. Илинденска во моментов ја ослободуваат и ќе чекаат покана од премиерот за средба на која би присуствувале и претставници на Градот Скопје, но и на ЈСП.

„Денеска после овој прес сите автобуси кои се на улицата ќе се повлечат за да му се даде простор на дијалогот кој го предлага и за нас е основа за средба на која како што и самиот премиер Ковачевски спомена, ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целата оваа состојба од која и нему и на пошироката јавност после тие средби, ќе бидат пренесени во изворна форма на јавноста. Се прифаќа идејата ние како претставници на приватните превозници кои располагаме со таа документација, да ја презентираме на таа средба, прифаќаме и инсистираме и ние да на таа средба има претставници и до Град Скопје, но и од ЈСП каде пред него ќе ги соочиме аргументите со кои располагаат сите три страни“,

рече Ленин Јовановски од здружението на приватни превозници „Слобода превоз“.
Како што најави, тие како приватни превозници ќе изготват ново барање во контекст на она што го кажал Ковачевски и ќе ги исполнат сите негови сугестии.

„Ќе ги исполниме сите негови сугестии и ќе очекуваме да бидеме повикани на средба. Во името на ’Слобода превоз‘, ’Макекспрес‘ и сите превозници сакам да му се заблагодарам на премиерот Ковачевски кој се одважи и со последната изјава на некој начин се вклучи во решавање на овој проблем и сметам дека од неговата позиција на премиер има големи можности да помогне во надминување на овој проблем“, рече Јовановски.

Прес-конференцијата на Јовановски следува откако денеска Ковачевски им порача дека одбива да одржува состаноци под уцени и под притисоци и им постави услови доколку сакаат да се сретнат со него, од кои првиот беше да ги ослободат улиците за да може граѓаните да се движат слободно.

Јовановски, пак, денеска рече не станувало збор за никакви притисоци и закани туку протестот го сметале како единствен начин преку кој превозниците можеле да ги истакнат проблемите.