Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Бившиот помошник на Владимир Путин, Абас Гаљамов, тврди дека рускиот претседател и неговите најблиски соработници и сојузници веќе имаат план за бегство, кој би бил спроведен ако работите тргнат наопаку во војната во Украина. Гаљамов, кој ги пишуваше говорите на Путин, го соопшти тоа вчера на својот телеграм-канал повикувајќи се на анонимен извор за кој вели оти има инсајдерски информации, пренесува Дојче веле.
Подготовката на планот за евакуација, наводно, започнал пролетта, а целата организација неофицијално е наречена „Ноева арка“.
„Како што зборува името, тоа е потрага за нова земја во која би побегнал во случај ако ситуацијата дома стане непријатна. Соработниците на Путин не ја исклучија можноста да се загуби војната, да биде сменет од власт и потоа итно да се евакуира“, напиша Гаљамов.
Тој рече дека во почетокот се разгледувал план за евакуација во Кина, но подоцна се откажале од него поради стравот оти шансите за соработка со Кинезите се мали, особено поради тоа што тие „ги презираат губитниците“. Поради тоа почнале да се разгледуваат Аргентина и Венецуела како потенцијални опции, а Игор Сечин, сојузникот на Путин, бил задолжен за надгледување на планот за евакуација во Венецуела.
Доказ дека имплементацијата е далеку отидена е фактот оти Сечин „официјално поднел оставка“ од нафтениот гигант „Роснефт“, за да може во целост да се посвети за подготовка на планот за евакуација, додава Гаљамов. Телеграм каналот „Можем Абјаснит“, исто така, извести оти високи руски претставници почнале да купуваат недвижнини и да работат на добивање дозвола за престој во Венецуела.
Истовремено, пониско рангираните во претседателската администрација и во руската влада, наводно, бараат престој во Еквадор, Парагвај и во Аргентина. Гаљамов е уверен оти само постоењето на планот за евакуација покажува дека за Кремљ не оди сѐ по планот, иако руското раководство се обидува да ја убеди јавноста во спротивното.