Приватните градски превозници и денес блокираат четири клучни сообраќајници во Скопје


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


И утрово сообраќајот во Скопје се одвива под посебен режим, откако приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ повторно поставија блокади на неколку клучни точки односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, „Црвен Крст“, како и на булеварот „Илинден“ околу просториите на Град Скопје, со најава дека овој пат нема да ги тргнат автобусите се до исполнување на нивните барања.

Екипи на сообраќајната полиција, како што беше и најавено, го регулираат сообраќајот на булеварот „Илинден“ и тоа од крстосницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до крстосницата со „8 Септември“, како и на крстосницата од улицата „11 Октомври“ и булевар „Кочо Рацин“ и крстосницата од булевар „Гоце Делчев“ и „Крсте Мисирков“, кај Судска палата.

Директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вчера, најави можна радикализација на протестот на приватните превозници се до решавање на проблемот и исплата на долгот од страна на ЈСП „Скопје“.

Како можна опција, Јовановски го посочи штрајкот со глад, но како што рече, останува на превозниците да одлучат во која насока би се движела евентуалната радикализација на протестите.

Јовановски порача дека протестите изминатите денови не вродиле со плод и затоа е донесена одлука за блокада на повеќе крстосници во Скопје.

„Протестиравме на ‘Илинденска’, протестиравме пред градското собрание, протестиравме и пред ‘Мавровка’. Никој ништо не реагира и нема резултат. Рековме дека ќе се радикализираат протестите. Утре приватните превозници решија да ги прошират протестите и на тој начин. Ако некој нив и натаму не им верува, а ѝ верува на градоначалничката на сите невистини коишто ги зборува, нека дојдат да ги видат. Следниот чекор ќе биде да си ги изнесат жените и децата и тие ќе покажат дека немаат што да јадат“, рече Јовановски и додаде дека ова е прв протест по 1999 година во кој приватните превозници мораат да излезат на улица и да протестираат поради, како што кажа, неможноста да го објасната проблемот меѓу ЈСП, Градот и превозниците.

Според него досега приватните превозници неколку пати барале да бидат примени и сослушани од градоначалничката, но таа не сакала да ги прими.