6 милиони украински семејства се без струја додека надвор доаѓаат зимски температури


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека по масовните руски ракетни напади оваа недела, шест милиони домаќинства во земјата сè уште се без електрична енергија.

„Ограничувањата продолжија и минатата ноќ во многу региони, како и во Киев. Сепак, бројот на засегнати домаќинства без струја сега е двојно помал од средата“, рече Зеленски, а пренесува Би-би-си.

Милиони луѓе сè уште се без струја, вода и парно како што зимата се засилува.

Зеленски додаде дека главниот град и околните региони биле најмногу погодени од нападите. Тој рече дека многу жители во Киев останале без електрична енергија и по 20 или 30 часа.

Тој истакна дека по Киев, најпогодени се регионите Одеса, Лавов, Виница и Дњепропетровск.

Зеленски апелираше до граѓаните максимално да користат апарати кои штедат енергија.

„Доколку немате прекини во електричната енергија, тоа не значи дека проблемот е завршен. Ве молам, доколку имате струја, не значи дека треба да вклучите неколку електрични уреди одеднаш. Мораме да ја пребродиме зимата која сите ќе ја паметат“, изјави Зеленски.

Украинскиот премиер Денис Шмихал изјави дека и покрај нападите, речиси целата клучна инфраструктура во земјата е повторно во функција, вклучително и водоснабдувањето, топланите, болниците и службите за итни случаи.

„Меѓутоа, обичните луѓе се соочуваат со планирани ограничувања во секој дел од Украина“, додаде Шмихал.