Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Група хонорарни советници составена од астролози, изведувачи на црна магија и јасновидци, пишуваат предвидувања и ги советуваат актуелните шефови на руската Федерална заштитничка служба – ФСО, тврди внатрешен извор од обезбедувањето на Кремљ во изјава за руски Инсајдер.
На 26 октомври во центарот на Москва се појавија вооружени луѓе со воена опрема. Некои московјани се понадеваа дека се случува воен удар, но ФСО (руската Федерална заштитничка служба) набрзина прогласи „закажани тактички вежби за неутрализирање на терористичките закани и заштита на клучните владини објекти“. Руски Инсајдер открил дека тие тактички вежби се само мал дел од посебните мерки што треба да ги спроведе ФСО во услови на воена состојба, пренесува МКД.мк.
ФСО го подготвува својот персонал за „масовен идеолошки напад“ во кој непријателот ќе користи медиуми, социјални мрежи, верски организации, хипноза (!), психогенератори (?!), па дури и „секојдневни предмети за домаќинството во подготвено пакување“.
Како одговор на сето ова, генералите на ФСО планираат да користат контрапропаганда, неделни политички обуки, колективно присуство во црква и откривање на офицерите на ФСО со нестабилна психа и несоодветна реакција. Директно одговорен за спроведување на планот е генералот Александар Комов, заменик-директор на ФСО. Според извор од безбедносните служби на Кремљ, генералот Комов не само што е будно претпазлив, туку и внимателно ги слуша советите на астролозите и јасновидците.
Инсајдер располага со нацрт на доверливиот „План за морално-психолошка поддршка за мирнодопска транзиција на Директоратот за операции на ФСО – во понатамошниот текст Директорат на ФСО – Инсајдер“. Директоратот е еден од клучните елементи од безбедносната структура на Кремљ; тој не е одговорен само за безбедноста на највисоките владини функционери, туку врши и контраразузнавачки функции во рамките на ФСО.
Планот е поделен на четири дела:
(1) „Мерки што треба да се спроведат во директна подготовка за транзицијата кон воена состојба“.
(2) „Мерки што ќе се спроведат при воведувањето ‘Покачен’ степен на борбена готовност“.
(3) „Мерки што треба да се спроведат при воведувањето на степенот на борбена готовност ‘Воена закана’“.
(4) „Мерки што треба да се спроведат при воведувањето на ‘Целосен’ степен на борбена готовност“.
За време на периодот на транзиција кон воена состојба, се предлага да се организира „спроведување мерки за морална и психолошка поддршка на оперативните и услужните активности“ на офицерите на ФСБ и „подготовка на извештаи за моралната и психолошката состојба на персоналот“.
Во делот „Покачена борбена готовност“, вели Инсајдер, се препорачува да се водат разговори со поединечни безбедносни офицери, за персоналот на ФСО да се информира за домашната, меѓународната и политичко-воената состојба. Предвидени се и посети на Куќата на славата и историјата на ФСО во Кремљ и екскурзија до Казанската катедрала на Богородичината икона.
Во делот „Воена закана“ се предлага „навремено информирање и објаснување на задачите со кои се соочува единицата и спроведување општествено-владини обуки (најмалку 1 час неделно)“. Во случај на воена закана, не се исклучува евакуација на членовите на семејствата на офицерите на Кремљ од Москва. Командантите на единиците и психолозите од Одделот за персонал на ФСО се задолжени за зајакнување на моралот на своите подредени.
Со воведувањето „целосна борбена готовност“, неопходно е на персоналот да му се „објаснат правилата од рускиот закон за одговорност за воени злосторства, спречување на конфузија и паника меѓу воениот персонал и нивните семејства“. Освен тоа, неопходно е да се даваат примери на херојство и храброст на офицерите на ФСО.
Авторите на планот предупредуваат дека во случај на државен удар, некои од офицерите што го бранат Кремљ може да доживеат депресија, меланхолија, несигурност во исправноста на постапките на своите претпоставени, чувство на страв и вознемиреност за своите животи. Меѓу предложените реакции се „контрасугестија“, „контраубедување“, „пресретнување иницијатива“, „замена на предмети“ и разговори за градење доверба со младите полицајци што се склони кон невропсихолошка лабилност. Политички највештите офицери на ФСО треба да им бидат назначени на оние што се најмалку отпорни. Или, пак, таквите психолошки ранливи службеници треба да бидат испратени во болница.
Авторите на планот на ФСО нагласуваат дека непријателот е лукав и подмолен и дека пред сè ќе се обиде да ја „намали психолошката стабилност на персоналот, морално да ги дезориентира и да ги направи неподготвени за отпор“. Меѓу клучните закани ги наведуваат телевизијата, радиото, печатените медиуми, социјалните медиуми, книгите, брошурите, летоците и постерите. Покрај тоа, странските разузнавачи може да покренат социјални движења, невладини и религиозни (псевдорелигиозни) организации и да допрат до роднините на офицерите на ФСО. Посебен акцент е ставен на одредени поединци „што поседуваат хипнотички способности и можат психолошки да го заразат персоналот“. Меѓутоа, во документот не е прецизирано кои се овие лица или како тие можат да ги хипнотизираат и психички да ги заразат добро обучените заштитници на Кремљ, вели руски Инсајдер.
Покрај социјалните медиуми и хипнозата, како што е наведено во планот, непријателот има намера да употреби и пософистицирани методи: 1) софтверски и хардверски опции што овозможуваат звучни и визуелни ефекти, 2) психокорективни игри, 3) психоактивни хемиски и биолошки формули, 4) компјутерски психолошки вируси и програми што вршат суптилно влијание врз компјутерските оператори, 5) психогенератори, 6) нискофреквентни акустични генератори, 7) рекламни производи, 8) секојдневни предмети за домаќинството во подготвено пакување.
Психокорективните игри споменати во тајниот план главно се наменети за развивање на вниманието и надминување на стравовите кај децата од предучилишна возраст. Детските психолози за таа цел користат кукли во облик на луѓе или на животни. Тешко е да се замисли како тоа ќе изгледа во практиката во однос на странските разузнавачи и офицерите на ФСО, вели Инсајдер.
Компјутерските психовируси, какви и да се, може безбедно да се исклучат од методите на психолошко влијание врз безбедносниот персонал, вели рускиот медиум. Поради огромната популарност на странските порно веб-страници меѓу бранителите на Кремљ, особено ноќе, пристапот до интернет пред неколку години беше прекинат. А употребата на мобилни телефони и таблети додека се на должност во Кремљ е строго забранета.
Таблоидите пишуваа многу за психогенераторот, или како што се нарекува и „генератор на темна материја“, кој наводно бил развиен во тајни центри на ЦИА. Тие публикации беа користени од многу генерации теоретичари на заговор и псевдонаука. Советскиот Сојуз исто така се обиде да создаде психолошко оружје, беа инвестирани многу пари, но поради слабите резултати тајната програма беше затворена.
Малку е веројатно дека нискофреквентните акустични генератори ќе го ослабат моралот на персоналот, бидејќи се користат за поправка на електронски или електро-акустични уреди. Освен тоа, не е јасно како странските агенти ќе можат да се прикрадат и да ги инсталираат тие уреди во Кремљ.
Исто така, останува мистерија што се подразбира под „подготвено пакување“. Хартија за виткање со зборовите „фрли го оружјето и предај се“?
Како што открил Инсајдер, директно одговорен за спроведувањето на тајниот план бил заменик-директорот на ФСО Александар Комов, додека конечната верзија ја подготвил Решит Бухарин, член на Одделот за персонал на ФСО. Се верува дека Бухарин, долгогодишен офицер на ФСО, е голем интелектуалец во редовите на ФСО – тој има објавено неколку научни трудови поврзани со заштитата на највисоките владини функционери.
Генералот Комов е еден од најтаинствените офицери на ФСО и за него има многу малку јавни информации. Неговите колеги зад грб го нарекуваат Ѕвездозјапач, бидејќи редовно учествува на секакви научни семинари и дискусии за вселенски истражувања. Безбедносен извор од Кремљ рекол за Инсајдер дека генералот Ѕвездозјапач води група хонорарни советници во која има астролози, практикувачи на црна магија и јасновидци. Некои од нив му биле советници на шефот на личната безбедност на Јелцин, Александар Коржаков, и на неговиот наследник Евгениј Муров, а сега пишуваат предвидувања и ги советуваат актуелните шефови на ФСО.
Во комуникацијата со своите подредени, генералот Комов постојано предупредува на подмолни заговори смислени од западните разузнавачки служби и повикува на будност. Во меѓувреме, неговиот син Никита речиси секое лето летува во Европа и веќе бил во Монако, Германија, Италија и Франција. Последните три земји, како што знаеме, се членки на презреното од Кремљ НАТО, вели Инсајдер.
Што се однесува на Директоратот на ФСО за кој бил подготвен планот за транзиција кон воена состојба, главните задачи на единицата на тајната служба вклучуваат спротивставување на странските тајни служби во рамките на безбедносната служба на Кремљ, откривање на коруптивни практики и проневера на буџетски средства и испитување на приходите и имотите на офицерите на ФСО. Службениците на Директоратот имаат овластување да вршат таен надзор на своите колеги, да ги прислушуваат нивните телефони и да учествуваат во прелиминарните испрашувања со помош на детектор за лаги.
Според веб-страницата за владини набавки, ФСО (воена единица 38995) купувала детектори Пирана (за откривање уреди за прислушување), преносни рендген-единици Норка-160 (за откривање експлозивни направи), нелинеарни локатори СТ 400 Кејман (за крадење податоци од мобилни телефони и СИМ-картички) итн.
Меѓутоа, повеќето од овие направи користат микрочипови од странско производство, а по воведувањето санкции против Русија не е јасно како тие ќе бидат поправани и одржувани.
ФСО е предводена од генералот Сергеј Кудинов, поранешен офицер на третата служба на Директоратот за внатрешна безбедност на ФСБ. Во 2019 година тој го наследи Николај Мусински, кого Путин го запознал кога работел во Ленинградската управа на КГБ. Според изворот на Инсајдер во ФСО, со доаѓањето на Кудинов, безбедносната служба почнала активна кампања за откривање на недоверливите лица, алкохоличарите и зависниците од дрога: „Тие беа грабани по ходниците на Кремљ и веднаш беа подложувани на тестови на крв и урина. Потоа почнуваше распрашувањето дали ја поддржуваат или не политиката што ја води претседателот Путин… Или од нив се бараше да ги осудат субверзивните активности на Навални, Јашин, Новаја газета и Ехо на Москва. Според изворот, неколку службеници од обезбедувањето не поминале и беа отпуштени или деградирани.“
Според Инсајдер, уште построги барања за политичка лојалност важат за Претседателската служба за безбедност (СБП) и Директоратот за лична заштита (УЛО). Телохранителите од СБП имаат директен контакт со Путин, додека офицерите на УЛО се на должност со снајперски пушки на покривите за време на неговите улични настани.