Приватните градски автобуси во Скопје денеска повторно надвор од сообраќај – еве на кои линии нема да возат


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Автобусите на приватниот скопски градски превозник „Слобода превоз” денеска нема да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 поради немање пари за нафта затоа што ЈСП „Скопје” односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата.

„Со крајни напори ќе се обезбеди редовен превоз на линиите: 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73, кои како приградски линии делумно се финансираат и од општините кои не се во состав на Град Скопје, за да не се случи поради неизвршување на тој превоз да имаат причина да престанат да ги уплаќаат средствата во ЈСП“, соопшти „Слобода превоз”.

Оттаму најавија дека претставници на превозниците од сите линии во 9 часот ќе бидат пред Градското собрание каде што ќе побараат итен прием кај секретарот на Град Скопје кому ќе ги пренесат проблемите со кои се соочуваат, а кои се поврзани со големиот долг на ЈСП кон нив. Исто така, ќе побараат одговори на повеќе прашања, меѓу кои и за тоа зошто и каде завршуваат прибраните средства во ЈСП од продадени билети, како и за превоз на ученици од кои приватните превозници треба да бидат исплатени.

Во зависност од исходот на таа средба, добиените одговори и предлог решенија, ќе зависи понатамошното вршење на превозот и делување на превозниците.

Пред еден месец автобусите на ЈСП „Скопје” не возеа еден ден кога вработените стапија во колективен штрајк зашто немаа земено плата. Потоа, поради долг кој не можеше да го наплати од ЈСП односно од Град Скопје, престанаа да сообраќаат автобусите на приватниот превозник „Макекспрес”.