И пекарскиот сектор добива субвенционирана цена на струјата – еве колку ќе ги чини еден мегават час


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Околу 200 компании од прехранбената индустрија и 600 мали пекарници ќе бидат директно субвенционирани со цена на електричната енергија под 80 евра за мегават час, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Нагласи дека просечната потрошувачка на овие капацитети во изминатите години од 1 декември до 30 април до кога завршува кризната состојба во енергетиката, не е над 33 гигават часови електрична енергија.

-Како Влада и Министерство за економија сите одлуки ги носиме повикувајќи се на конкретни анализи и податоци од сите релевантни институции кои се вградуваат во делот на Економскиот совет. Доколку Владата треба да ги поддржи овие компании со околу 100 евра за мегават час значи дека сите трошоци нема да надминат 3,5 милиони евра, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање при денешната посета на РЕК Осломеј.

Просечната потрошувачка на основните и средните училишта, како што прецизира, од 1 декември до крајот на април изнесува околу 10,7 гигават часови или 10.700 мегават часови електрична енергија поради што фискалните импликации не би требало да бидат повисоки од 2 милиони евра.

-Кај јавните водоводни претпријатија потрошувачката од 1 декември до крајот на април е околу 30 гигават часови електрична енергија што значи дека се потребни од 3 до 3,5 милиони евра за нивно покривање, рече Бектеши и нагласи дека повеќе општини веќе почнаа да доставуваат барања за зголемување на цената на водата за пиење што ја нудат за потребите на граѓаните.

Ние, потенцира, тоа нема да го дозволиме и како Влада целосно ќе ја покриеме разликата во делот на зголемените трошоци за електрична енергија кои ги имаат јавните комунални претпријатија во делот на водоснабдувањето.

-Сепак, нема да дозволиме злоупотреба на Законот за енергетика и на правилата во делот на енергетскиот систем како што прават одредени општини со јавното осветлување со префрлање од слободен на регулиран пазар. Со новата одлука тие не траба да бидат прифатени од ЕВН дистрибуција како такви. Со тоа ќе се ослободи просторот што моментално го покрива ЕСМ, а истото важи и за одредени банки, казина, приватни средни и основни училишта и некои други компании, посочи Бектеши.

Нагласи дека веќе е донесена одлука од 1 декември тие да бидат вратени на слободен пазар, а оние што навистина имаат потреба ќе бидат поддржани од Владата преку ЕСМ за што веќе се обезбедени средства, а има и грант од Европската комисија во вредност од 80 милиони евра кои кон крајот на јануари се очекува да легнат во Буџетот.