„Сино за 8 долари месечно“ – Маск ќе наплаќа за верификуваните профили на Твитер


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Новиот газда на социјалната мрежа Твитер, Илон Маск, најави дека ќе наплаќа по осум долари месечно на корисниците на социјалната мрежа чиј профили се верификувани. Станува збор за оние корисници кои покрај своето име го имаат сино-белиот знак што покажува дека истиот е потврден односно проверен идентитет.

Профили со знак дека се верификувани вообичаено користат јавни личности од висок профил и досега оваа опција беше бесплатна.

„Моќ за луѓето! Сино за осум долари месечно“, напиша Маск на Твитер.

Ова се дел од промените откако најбогатиот човек на светот ја презеде компанијата вредна 44 милијарди долари.

Маск претходно кажа дека сака да ја намали зависноста на Твитер од реклами, па оваа најава за осум долари месечно се толкува дека е во таа насока.

Сепак, контроверзниот милијардер се соочува со големи предизвици во обидите да направи „ремонт“ во компанијата. Дел од фирмите веќе истакнаа загриженост за рекламирањето на Твитер откако Маск стана сопственик.

„Џенерал Моторс“, најголемиот ривал на Маск во индустријата за електрични автомобили, минатата недела соопшти дека го прекинува рекламирањето на оваа социјална мрежа. Вчера, пак, една од најголемите маркетинг агенции, ИПГ, ги советуваше своите клиенти да го прекинат рекламирањето за период од една недела бидејќи засега не се јавни плановите на новиот сопственик на Твитер за да може да им се гарантира „доверба и безбедност“ од оваа социјална мрежа.

Инаку, верификувањето на профилите Твитер го воведе во 2009 година откако претходно се соочи со тужба дека компанијата не преземала доволно мерки за да ги спречи лажните профили.