Пендаровски: Бавните евроинтеграции го зголемија евроскептицизмот во Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Преговорите меѓу Македонија и ЕУ за членство во унијата ќе траат со години и сите треба да дадеме свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, преку Владата, претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор до медиумите. Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации, порачаа од државниот врв за најновиот Извештај на ЕК за земјата, прв по отпочнувањето на преговорите.

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски смета дека најновиот извештај на ЕК за напредокот на државата, доаѓа во време на растечки евроскептицизам меѓу македонските граѓани поради забавените евроинтеграции, а преговорите се можност за намалување на тој евроскептицизам преку враќањето на Европската Унија на голема врата кај нас и во регионот.

„Тоа може да се постигне само преку поголема видливост на Унијата со своите механизми, иницијативи, критики и структурни фондови. Граѓаните треба да ја чувствуваат Унијата, не како далечно, безлично бирократско тело, туку, како нивен сојузник во напорите за подобар живот, тука, во Северна Македонија“, порача вчера Пендаровски на настанот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!”.

Преговорите за членство, смета шефот на државата, ќе бидат стабилизирачки фактор не само за нашата држава, туку и позитивен сигнал за целиот регион. За нивното продолжување ќе биде неопходен државен консензус за уставните измени и во тој потфат, вели, треба да влеземе плански и без брзање. Овој процес, според Пендаровски, треба да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација.

„Во преговорите ќе ни стане јасно дека интеграциите не се само добрососедските односи, туку станува збор за еден колосален потфат за трансформација на државата и општеството што ќе бара трпение од сите нас, но и откажувања во многу области од нашето живеење особено на оние кои се денес привилегирани по разни основи. Крајната цел е изградба на функционална правна држава со ефикасен судски систем“, нагласи Пендаровски, порачувајќи дека преговорите за членство ќе траат со години и дека од сите нас ќе се бара напуштање на старите навики и испорачување на резултати.

Во таа смисла, рече Пендаровски, сите треба да дадеме свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, преку Владата, претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор до медиумите.

„Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации. Секој наш чекор, освен Брисел, ќе го следи и најдобриот судија – македонската јавност. Секоја злоупотреба на овој процес за теснопартиски или лични интереси ќе значи губење на скапоцено време, кое го немаме, но, што е уште поважно, ќе значи дополнително губење на и така ниската доверба на граѓаните во државните институции. А, држава во која граѓаните немаат доверба сигурно не е држава во која тие ќе сакаат да живеат“, порача Пендаровски.