Пендаровски: Да се направи ревизија на факултетските дипломи во Македонија – професорот Трајковски на проверка ги нуди празните испитни тетратки


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Македонскиот претседател Стево Пендаровски на гостувањето на ТВ Телма изјави дека прво требаше да се направи ревизија на сите факултети кои изминативе години добија дозволи за работа, а потоа и на сите дипломи, особено на магистериумите и докторатите.

На оваа изјава се надоврза и битолскиот професор Дејан Трајковски кој ги чува празните испитни тетратки на стотина негови студенти кои положиле благодарејќи на законската можност комисиски да се полага еден испит со изземање на предметниот професор.

Во однос на ситуацијата на овразованието во државата, Пендаровски изјави дека и покрај ветувањата на оваа власт во последните години работите воопшто и не се променети. „По промената на власта во 2017 години не се направија неколку работи за да се постави образованието на колку толку подновени, ако не на сосема нови основи. Прво мораше да се направи ревизија на сите факултети и универзитети кои беа отворени изминатите години. Сите знаеме дека за тоа не постоеше кадар, не постоеја услови и немаше потреба. Со комбиња се носеа професори од Скопје по факултетите во Западна и Источна Македонија и знаеме како се добиваа дипломи. Требаше да се стават на ревизија сите дипломи, а особено магистериумите и докторатите кои тогаш беа добиени. Не гледам дека има планови да се направат суштински промени. Во 2016 години во целата држава имавме 24 правни факултети. Тоа не можат да го издржат и држави од 50 милионско население“, изјави синоќа Пендаровски.

Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски на својот фејсбук-профил ја прифаќа оваа идеја на македонскиот претседател и предложи со таа ревизија да се почне од неговиот делокруг на работа.

„Од 2010 година, по отворањето факултети во сите поголеми села низ државата, моите предмети Динамика и осцилации и Јакост на конструкциите со знаење ги положиле кандидати кои можат да се избројат на прстите од едната рака.

Истовремено, комисија која нема врска од предметите и која самата би паднала на овие испити, доколку би ги седнал заеднички – „конзилијарно“ да го полагаат испитот, незаслужено пуштила преку сто кандидати. Се уште ги чувам сите празни испитни тетратки од кандидатите како доказ.

Сите овие дипломираа, а голем број од нив магистрираа, можеби и докторираа. Сите работодавачи кои ги вработиле можат да бидат сигурни дека имаат примено луѓе со незаслужени дипломи. Нека дојдат да им ги покажам празните испитни тетратки. Можат да им ги побараат и индексите и да видат чиј потпис стои покрај оценките од моите предмети. Ако не е мојот, јасно е како положиле.

Сите тие се кандидати за ревизија и поништување на дипломите. Ако Пендаровски е сериозен во намерата, нека ги донесат кандидатите да им организирам реален испит, каде ќе им потврдам дека нивното знаење е рамно на нула, па веднаш да им се одземат, т.е. поништат дипломите, заедно со магистерските и докторските. Вака имаме магистри и доктори кои не знаат математика и физика ниту на средношколско ниво, па и пониско.

Самата комисија, пак, ја повикувам на двобој во знаење. Ќе решаваме задачи и ќе изведуваме формули, со еден единствен услов: нема користење книги, белешки и каква било помош од страна. Да видиме колкави стручњаци се за механика и јакост, штом веќе се претставуваат како такви и се нафаќаат да бидат членови на комисија.

Тоа би бил мојот скромен придонес во отстранувањето на штетите што ги прават полни 12 години.

Инаку, самиот универзитет е најмногу виновен за оваа ситуација. Пред десетина години изгласаа одлука, според која секој кандидат после три неуспешни испити може да бара комисија, со изземање на предметниот наставник од комисијата. Од што се плашат, па го изземаат наставникот? Дека ќе го види нивниот образовен криминал? Не тврдам дека примиле мито, но стојам зад тоа дека незаслужено пуштиле преку сто кандидати, што е уште поголем криминал, што лесно се докажува со проверка на знаењето.

Резултатите ги гледаме, станавме карикатура од држава и направија сé, за да му се згади работата на секој чесен професор. Отворија 24 универзитети и потоа се чудат зошто немало квалитет. Е па нема и нема ни да го има, без затворање на дваесетина универзитети и сведување на постоечките 135 факултети на триесетина. Со еден збор, враќање на состојбата од пред 1991 година. Ако не, ќе продолжиме да си се лажеме и ќе зборуваме дека образоваието не ни чини“, напиша професорот Трајковски.