Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Струшкото Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против поранешен обвинител на охридското јавно обвинителство кој се товари дека додека бил активен во службата „чувал предмети во фиока“, односно не постапувал по нив и на тој начин овозможил пријавените кривични дела апсолутно да застарат за гонење.
„Фокус“ неофицијално поренесува дека станува збор за екс обвинителот Воислав Димоски, кој беше кандидат за уставен судија предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но не доби поддршка од останатите пратеници.
Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, поранешниот обвинител е обвинет за продолжено кривично дело несовесно работење во службата.
Во текот на кривичната постапка против јавниот обвинител било утврдено дека поради држењето на случаите во фиока, застареле вкупно 14 предмети во ОЈО Охрид.
„Обвинетиот, во периодот од 19 ноември 2013 година до 25 ноември 2021 година, додека се уште ја извршувал функцијата јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Охрид, очигледно несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности поврзани со преземање или непреземање на дејствија по конкретни предмети. На тој начин тој овозможил пријавените кривични дела апсолутно да застарат за гонење, и со тоа, потешко ги повредил правата на други – подносителите на кривичните пријави и оштетени, бидејќи тие пред истекот на рокот за апсолутна застареност на гонењето по пријавените кривични дела, не добиле одлука ниту за гонење на пријавените лица – со што биле ускратени да ги остварат своите права како оштетени во судска постапка, ниту пак добиле одлука – решение за отфрлање на поднесените кривични пријави со која оштетените би имале право на жалба за да ги остварат правата во претходна постапка“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Несовесното работење на обивнителот било откриено откако Вишото јавно обвинителство Битола извршило вонреден надзор над работата на обвинителот при кој биле констатирани пропустите. Тој бил задолжен да ги преземе неопходните дејствија во предметите, но и покрај тоа стојбата со нив останала идентична.
„Од тие причини против обвинителот беше поведена и дисциплинска постапка во која Дисциплинската комисија донесе решение со кое за сторените тешки дисциплински повреди изрече дисциплинска мерка – предлог за разрешување на јавниот обвинител. Во текот на кривичната постапка против јавниот обвинител беше утврдено дека на овој начин настапила застареност на вкупно 14 предмети во Основното јавно обвинителство Охрид“, се додава во соопштението.
Најголем дел од предметите што ги чувал обвинителот се однесуваат на кривичните дела кражба, потоа кражба на струја и незаконит риболов.
Како што појаснуваат од Јавното обвинителство, постапката во овој предмет ја води Основното јавно обвинителство Струга, бидејќи Основното јавно обвинителство Охрид побарало изземање бидејќи обвинетиот го сторил кривичното дело во својство на јавен обвинител во тоа обвинителство.