Десничарскиот блок победи на изборите во Шведска


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Џими Акесон, лидер на националистичката популистичка партија Шведски демократи, прогласи победа на десничарскиот блок на изборите одржани во Шведска изминатиот викенд, а премиерката Магдалена Андерсон го призна поразот.

Со речиси сите преброени гласови, десничарскиот блок од четири партии, во кој се и Шведските демократи, освои тесно мнозинство во шведскиот парламент со 349 места. Десничарскиот блок освои 176 места во парламентот од 349 места, а централно-левиот блок на премиерката Андерсон освои 173 места. Малиот број гласови кои се уште не се преброени не може да го промени конечниот исход од изборите.

Шведската премиерка Магдалена Андерсон призна пораз на левицата и победа на блокот на десницата и екстремната десница.

Таа на прес-конференција вчера рече дека прелиминарниот резултат е доволно јасен за да се заклучи дека нејзиниот централно-левичарски блок ја загубил власта и за денеска најави официјална оставка.

„Четири десничарски партии се чини дека освоија нешто помалку од 50 отсто од гласовите на изборите и имаат предност од еден или два мандата во Риксдагот. Тоа е тенко мнозинство, но тоа е мнозинство. Според тоа, утре ќе побарам смена на премиерот и одговорноста за продолжување на процесот сега ќе премине на претседателот на Парламентот“, рече Андерсон.

Ветувајќи дека е време „да се стави Шведска на прво место“, Акесон рече дека неговата партија ќе биде движечка сила во неговата работа за обнова на безбедноста во Шведска.

Андерсон минатата година стана првата жена премиер на Шведска и ја предводеше земјата да се приклучи на НАТО по руската инвазија на Украина.