Потпретседателката на Аргентина за влакно избегна атентат – на напаѓачот му се заглави оружјето (снимка)


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Потпретседателката на Аргентина Кристина Фернандес де Киршнер за влакно избегна атентат откако пиштолот што кон неа го вперил напаѓачот се заглавил и не испукал, пренесува Би-би-си.

Според медиумите, во еден момент, додека Киршнер ги поздравувала своите поддржувачи пред нејзиниот дом, вооружен маж успеал да се пробие низ толпата и да го впери пиштолот директно во нејзиното лице.

Аргентинските безбедносни власти го идентификувале напаѓачот и според информациите станува збор за 35-годишниот Фернандо Андрес Сабаг Монтиел, бразилски државјанин. Локалните медиуми наведуваат дека тој бил роден во Саун Пауло, од татко Чилеанец и мајка Аргентинка. Тој повеќе од 20 години живеел во аргентинската населба Вила дел Парке, претходно работел како таксист, а во моментов бил невработен и ѝ бил добро познат на полицијата. Минатата година Монтиел добил кривична пријава откако бил запрен од полицијата во возило без регистарски таблички и кај него била пронајдена мачета долга 35 сантиметри.

Претседателот на Аргентина, Алберто Фернандез, во своето обраќање до нацијата изјавил дека Киршнер „останала жива од причини кои засега не се се технички утврдени, пиштолот на напаѓачот бил наполнет со пет куршуми, но не испукал“. Тој го осудил напаѓачот и го оценил обидот за убиство на Киршнер како еден од најсериозните инциденти откога земјата се врати кон демократско уредување во 1983 година.

„Можеме да не се согласуваме, можеме да имаме длабоки несогласувања, но за говорот на омраза не смее да постои место бидејќи тој создава насилство и не постојат никакви шанси насилството да коегзистира со демократија“, изјавил Фернандез.

Аргентинскиот министер за економија Серхио Маса го нарече нападот „обид за атентат“.

На фотографиите што ги споделуваат локалните медиуми може да се забележи маж како нишани со пиштол на само неколку сантиметри од главата на Киршнер, додека на некои видеоснимки на социјалните мрежи наводно се гледа како поддржувачите се обидуваат да ја оттргнат аргентинската потпретседателка од напаѓачот.

Инаку, против Киршнер се води судски процес под обвинение за корупција, наводи што таа ги отфрла.

Таа е обвинета за измама и коруптивно доделување јавни тендери во Патагонија додека ја извршувала функцијата претседател на Аргентина од 2007 до 2015 година.

Доколку биде осудена, на Киршнер ѝ се заканува затворска казна од 12 години и доживотна забрана за политички ангажман.

Сепак, Киршнер како претседател на Сенатот ужива парламентарен имунитет и нема да заврши зад решетки сè додека евентуалната казна не биде ратификувана од аргентинскиот врховен суд или, пак, додека не го изгуби своето место во Сенатот на наредните избори закажани за следната година.

Киршнер и претходно се соочуваше со многубројни судски процеси по завршувањето на нејзиниот мандат како претседател на државата. Според медиумите, до пресудата за актуелниот случаи ќе бидат потребни неколку месеци.