По суспензијата на Русковска и заминувањето на Муареми, сменет и државниот правобранител Стафа


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На денешната владина седница од функцијата Државен правобранител беше разрешен Фехми Стафа, потврдија за МИА владини извори.

Стафа беше именуван за државен правобранител на 22 август 2018 година од страна на Владата.

Од Државното правобранителство попладнево информираа дека државниот правобранител Фехми Стафа денеска до Владата поднел неотповиклива оставка од лични причини и побарал неговата оставка да биде прифатена.

Стафа беше дел од медиумската војна меѓу поранешниот директор на Финансиската полиција Арафат Муареми и суспендираната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска.

Муареми најави кривична пријава против Русковска за незаконски претрес во Финансиската полиција, по што Муареми се повлече од Финансиската полиција, а Русковска беше суспендирана.

Сега, владата го разреши Стафа.

Државното правобранителство, на чело со Фехми Стафа, во мај соопшти дека поднело кривична пријава против првиот човек на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, за време кога бил истражител на СЈО и обвинителите кои за време на истрагата биле дел од СЈО Артан Ајро и Гаврил Бубевски.

Државното правобранителство и Муареми и обвинителите меѓусебно се обвинуваа кој е виновен што не може да му се конфискува имотот на Трансмет на бизнисменот Сеад Кочан, кој беше осуден во предметот Труст на СЈО за незаконско добивање тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола.

Муареми исто така доби кривична пријава и од жител на Дебар за постапка за отуѓување државен имот. Во Финансиската полиција тогаш прашаа зошто секогаш кога ќе се чепне Државното правобранителство, добиваат кривична пријава.