Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На прес-конференцијата која ја одржа вчера попладнето Зијадин Села соопшти дека поднесе оставка на функцијата претседател на Алијанса за Албанците. Тој нагласи дека причината за оставката е поразот на партиската кандидатска листа за општинскиот Совет во Тетово нагласувајќи дека Алијанса за Албанците оствари многу лош резултат и дека нема да има учество во Советот. Села рече дека имало саботажи одвнатре за да се ослаби партијата.
Тој прес-конференцијата ја одржа во Тетово веднаш по завршувањето на состанокот на Претседателството на партијата, кој беше итно свикан иако беше планиран за вечерта.
„Разговаравме за резултатите од изборите, стојам на ставот дека Тетово не е само еден град или населба, но сепак резултатите се лоши и затоа давам неотповиклива оставка Подоцна Централното собрание ќе одлучи кој ќе биде вршител на должноста претседател на партијата. Им благодарам на сите граѓани кои нѐ поддржуваа и веруваа во нас. И треба да веруваат во Алијанса за Албанците затоа што од овие случувања партијата ќе биде посилна од досега“, рече Села.
Тој најави дека во партијата ќе се направат сериозни анализи за досегашната работа и за резултатите од изборите, но и за сите оние кои одвнатре ја саботирале Алијанса за Албанците.
Сега веќе поранешниот лидер на партијата рече дека не сака да вперува прст во никого, ниту пак да фаворизира кого било за нов претседател.
„Тоа ќе биде работа на партиските органи и верувам дека анализите ќе бидат добро сработени и дека Алијанса за Албанците ќе продолжи да функционира како сериозен и силен политички фактор“, нагласи Села.
На новинарите им рече дека не сака повторно да се кандидира за истата функција, прво од морални причини, но како второ и потсети дека статутот предвидува такво право да се има само двапати.
На изборите Алијанса за Албанците не освои ниту еден мандат во Советот на Општина Тетово, а во доскорешниот состав имаше тројца советници.
Инаку, Села е еден од основачите на Алијанса за Албанците, формирана од група членови на ДПА во времето на сериозен раскол во таа партија и нејзин долгогодишен лидер.