Од септември мерки за штедење на струја, државните институции ќе мора да ги намалат сметките за 15%


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Државните институции од септември ќе мора да ги намалат сметките за електрична енергија за 15 отсто во однос на истиот период од претходната година, а за таа цел министерството за економија донесе сет препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична енергија за безбедна зима, соопшти министерот Крешник Бектеши.

„Прогнозите се дека ќе преживееме една од најтешките зими, не само ние, туку и во регионот и во Европа. Со цел да имаме непречено снабдување со струја и пониски сметки. Препораките се поделени во повеќе категории. За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки, а за инстутциите се предвидени конкретни задолженија. Целта е да се постигне 15% помала потрошувачка во однос на истиот месец од претходната година. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции за институциите“, рече тој.

Државните објекти кои се во сопственост на централната власт се задолжени да го исклучат декоративното осветлување на фасадите. Не смее да се користи светло внатре во објектите во период кога има доволно дневна светлина. Во јавните објекти во сезона на ладење температурата да се мести не пониско од 27 степени, односно во сезоната на греење не повисоко од 20 степени.

„Кратко и интензивно проветрување, исклучување на осветлувањето, да се исклучат сите компјутери по завршување на работата. Да се печатат само неопходни документи, редовно да се менуваат филтрите на грјените тела, се препорачува менување на ПВЦ-прозорци каде што е можно. Ќе треба институциите да имаат ангажирано лица кои ќе се грижат дали ова ќе се спроведува. Раководителите секој месец ќе достсуваат извештаи до Владата за потрошувачката на енергија. Овие задолженија ќе стапат на сила од 1 септември 2022 се до 31 март 2023 година“, додаде тој.