Почина македонската театарска легенда Љубиша Никодиновски – Биш


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На 73-годишна возраст во Скопје почина Љубиша Никодиновски – Биш, театарски актер и продуцент и еден од основачите и долгогодишен селектор на фестивалот Млад отворен театар (МОТ).

Никодиновски – Биш како тетарски актер работел во театарот “Кај Свети Никита Голтарот” и во „Тетарската работилница ФФ (Зелена гуска)” како еден од нејзините основачи и како продуцент. Тој бил еден од основачите и генерален секретар и на Македонскиот центар на ИТИ-Унеско.

Љубиша Никодиновски – Биш се занимавал и со театарска критика и есеистика. Автор е на голем број статии и студии од областа на театарот, а во 2009 година, во издание на “Магор” излезе од печат и неговата книга “Алтернативниот театар во Македонија”.

Тој извршувал и повеќе раководни функции во областа на театарот. Работел во “Македонскиот народен театар” како продуцент и раководител на театарот “Центар”; во МКЦ бил помошник на директорот за драмската програма. Во 1976 година бил еден од основачите на фестивалот “Млад отворен театар”, а во 2010 година бил прогласен за негов почесен претседател.

Погребот на Биш ќе биде в петок од 9.00 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје.