Малолетните лица во Македонија во просек по 5 часа дневно „киснат“ на интернет


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Триесет и девет проценти од испитаниците опфатени во анкета која ја спроведе Агенцијата за електронски комуникации рекле дека малолетните лица во нивното домаќинство во просек поминуваат и повеќе од пет часа приклучени на интернет.

„Приближно половина од испитаниците или 46,3 проценти знаат дека постои програма за родителска контрола која на лицата помлади од 18 години ќе им овозможи безбеден интернет. Од нив само 10,2 проценти имаат веќе инсталирано таков софтвер, додека од оние испитаници кои немаат инсталирано таков софтвер, а знаат дека истиот постои, околу 61 процент би инсталирале. Околу 10 проценти од испитаниците кои имаат позитивен став кон инсталирање на софтвер за родителска контрола, знаат каде може да го најдат“, пишува во извештајот од испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисници на електронски услуги.

Во последните четири години, се наведува во наодите, се забележува тренд на раст во бројот на домаќинства каде интернет пристапот го користат и малолетни лица. Во 2022 година, дури 43,2 проценти од испитаниците одговориле дека малолетни лица користат интернет во нивното домаќинство, а кај дури 85,6 проценти од нив малолетните лица користат интернет секој ден.

Според испитувањето, бројот на корисници на услугата интернет во домаќинството се зголемил од 79 проценти на 89 проценти во последните пет години. Од испитаниците кои имаат интернет пристап во своето домаќинство, само 29,5 проценти ја знаат брзината на интернет конекцијата што треба да ја обезбеди операторот, а од нив 76,8 проценти сметаат дека ја добиваат предвидената брзина и количество податоци од интернет провајдерот.

Како што стои во наодите, во последните четири години има раст на бројот на испитаници кои се соочиле со некаков проблем при користење интернет во домаќинството, односно во 2022 година само 29 проценти од испитаниците немале проблем со својата интернет конекција во домаќинството. Како најчести проблеми со интернетот се наведени непостојана брзина на конекцијата (34,2 проценти), прекини/недостапност на услугата (30,6 проценти) и проблеми со техничката опрема.

Поради прекини или недостапност на услугата во последните 12 месеци, 38,4 проценти од домаќинствата го контактирале интернет провајдерот и за 55,7 проценти од нив проблемот поради кој пријавиле бил отстранет истиот ден.

„Околу 27 проценти од домаќинствата со интернет пристап имаат приговарано телефонски до својот провајдер, а 30,7 проценти од испитаниците се изјасниле дека се потполно задоволни со одговорот кој го добиле од интернет провајдерот. Само 1,6 проценти од домаќинствата со пристап до интернет упатиле писмен приговор до интернет провајдерот“, пишува во извештајот за испитувањето.

Анкетата е спроведена од 13 април до 15 март годинава на случаен репрезентативен примерок од 1.100 испитаници на возраст од 18 и повеќе години, кај корисници на некоја од електронските комуникациски услуги: фиксна телефонија, мобилна телефонија, интернет и телевизија.

Примерокот е репрезентативен според белезите пол, возраст, етничка припадност и место на живеење, во однос на официјалните статистички податоци во моментот на спроведување на истражувањето, достапни во Државниот завод за статистика – податоците од пописот 2021.