Безобѕирното возење по македонските патишта ќе се казнува како кривично дело


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски, вели дека МВР апсолутно ги поздравува и поддржува најавените измени на Кривичниот законик со кои „безобѕирното возење” ќе стане кривично дело, а не како досега прекршок.

„Ако возите под дејство на алкохол со концентрација од најмалку 1,50 г/промили во крвта, или возите под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори, или возите во забранет правец, претекнувате колона возила на непрегледно место или возите со брзина која надминува 70 километри на час над дозволената, согласно новиот член 403 во предлог текстот на Кривичниот законик, ќе претставува безобѕирно управување со моторно возило и ќе се смета за кривично дело”, се вели во предложениот текст на новиот Кривичен законик, пренесува Мкд.мк.

Портпаролот на МВР Ангеловски вели дека прекршочните казни за пребрзо возење, над 50 или над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина, изнесуваат 300 и 400 евра или пак до 500 евра во посебни случаи и дека не секогаш се доволни за неодговорните возачи потоа да ги почитуваат ограничувањата на брзината.

„Ако тој прекршител има скапо и моќно возило со спортски карактеристики, за него не е никаков проблем паричната казна. Зборувам за оние лица кои се неодговорни учесници во сообраќајот, за оние кои сакаат да се ‘покажат’ пред другите колку моќно возило имаат и со каква брзина можат да го возат. Искрено, МВР ги поздравува таквите измени. Впрочем, во многу земји токму во овој период се прават слични измени во законите, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот. МВР со секојдневните сообраќајни контроли и соопштенија за медиумите за казнетите учесници во сообраќајот успеа во последните години да го намали бројот на сообраќајните несреќи”, вели Ангеловски.

Минатата година во сообраќајни несреќи загинале 116 лица, најмалку во споредба со претходните 15 години.

„За жал претежно се работи за жртви како последица токму на непочитување на сообраќајните правила и прописи. Не велам дека бројката е ниска, секој живот е вреден, но сепак станува збор за намалување како резултат на секојдневните контроли на сообраќајната полиција. Тоа возачите почнаа да го разбираат и повеќе водат сметка како возат”, нагласува портпаролот.

Тој наведува дека во текот на минатата година биле казнети вкупно 240.871 од кои дури 104.703 возачи за брзо возење. Без возачка дозвола возеле 24.053 лица.

Инаку, предложените измени во членот 403 од Кривичниот законик, кои би можеле да бидат усвоени до крајот на годината, предвидуваат кривична одговорност и во случаи кога не е предизвикана сообраќајна несреќа, односно нема последици по живот или материјални добра, односно кога се возело „безобѕирно”.

„Практично, дел од дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани сега ќе бидат подигнати на ниво на кривично дело”, велат од Јавното обвинителство од каде потенцираат дека се подготвуваат за примена на вакво законско решение.

Измените во Кривичниот законик ќе наложат промени и во некои други закони и законски нормативи, како на пример во Законот за безбедност во сообраќајот и патиштата, како и во законот за прекршоци каде за овие ситуации се предвидува парична казна и казна за одземање на возачката дозвола.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски апелира до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не возат под дејство на алкохол и секогаш да мислат на безбедноста на сопатниците и на другите учесници во сообраќајот. Тој апелира до пешаците да не преминуваат улица надвор од пешачки премин ниту на црвено светло на семафорот за пешаците.