„Амнести Интернешнал“: Жал ни е, ама имаме докази дека Украина загрозува животи на цивили и го крши меѓународното право


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


После бурата и лавина од реакции од пошироката јавност, организацијата за човекови права „Амнести Интернешнл“ (Amnesty International) соопшти дека „длабоко жали поради болката и бесот“ предизвикан од нејзиниот минатонеделен извештај, но оти во целост стои зад своите наоди.

Амнести Интернешнал на 4 август соопшти дека украинските сили го кршат меѓународното право и ги загрозуваат цивилите со тоа што поставуваат бази во станбени области, вклучително училишта и болници.

„Тактиката на украинските бранители на никаков начин не ги оправдува неселективните напади на Русија, со фактот дека некои руски воени злосторства, вклучително и оние во Харков, не се поврзани со овие тактики“, се наведува во извештајот.

Организацијата за човекови права со седиште во Лондон, наведе дека снимила инциденти во кои украинските сили ги изложија на опасност цивилите во 19 градови и села во регионите Харков, Донбас и Миколаев.

– Документиравме шема во која украинските сили ги ставаат цивилите во ризик и ги прекршуваат законите на војната оперирајќи во населени области. Дејствувањето во одбранбена позиција не ја ослободува украинската војска од почитување на меѓународното хуманитарно право – изјави генералната секретарка на Амнест Интернешнел, Агнес Каламар.

Од организацијата тврдат дека процената ја направиле врз основа на правилата на Меѓународното хуманитарно право.

„Ова не значи дека ги сметаме украинските сили одговорни за прекршувањата на руската војска, ниту дека украинските сили не преземаат соодветни мерки на претпазливост во другите области на земјата“, се наведува во соопштението на АИ.

По минатонеделното објавување на извештајот, директорката на украинската Канцеларија на Амнести Интернешнел, Оксана Покалчук поднесе оставка, притоа ја обвини Организацијата дека ја спроведува пропагандата на Кремљ.

– Доколку не живеете во земја, што е нападната од окупатори, кои сакаат да ја растурат, веројатно не разбирате како е да ја обвинувате армијата на бранителите – посочи минатата недела Покалчук.

На извештајот на Амнести Интернешнел реагираше и украинскиот претседател Володимир Зеленски наведувајќи оти организацијата се обидува да амнестира терористичка држава, алудирајќи на Русија.

Според Зеленски Амнести Интернешнел „ја префрла одговорноста од агресорот на жртвата“.

– Агресијата врз нашата земја е неоправдана, инвазивна и терористичка. Ако некој напише извештај во кој некако се изедначуваат жртвата и агресорот, ако се анализираат некои податоци за жртвата, а се игнорираат постапките на сторителите, тоа е неоправдано и не може да се толерира – посочи минатата недела Зеленски.