Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
За аферата со копањето криптовалути во подрумот на ГТЦ синот на Амди, Бајрам, Габриел Бајрам, бил приведен во полиција за распит.
Бајрам подолг период ги одбивал поканите за службен разговор со инспекторите на МВР, па на крајот од минатиот месец, тој бил приведен. За него, полицијата распишала и потерница.
„По неколку неодговарања на покани и непојавување на службен разговор во полициска станица, а по распишан централен распис, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Центар и Бит пазар, го лишиле од слобода Г. Б (40) од Скопје и со него бил извршен разговор во полициска станица“ – велат од МВР, а пренесува Сител.
Бајрам, денеска не одговараше на телефонските повици да одговори зошто ги избегнувал поканите за разговор во полиција. Од МВР велат дека тој не бил единствениот кој бил испрашуван за случувањата во подрумите на трговскиот. На разговор биле и надлежните од ЕВН, ГТЦ и други лица за кои полицијата сметала дека можат да помогнат во расветлување на настанот.
Засега од обвинителството не посочуваат за какви можни кривични дела се собираат докази. Се постапувало по сознанија на полицијата.
„Во врска со настанот во ГТЦ, ОЈО – Скопје, постапувајќи по примено известување од МВР, издаде наредба за да се направат неопходните проверки со цел да се утврди фактичката состојба“.
Во ноември лани јавноста дозна дека во подрумите на ГТЦ биле поставени уреди за создавање криптовалути. Тогаш надлежните објаснија дека тоа не е кривично дело, но дуќанџиите обвинија дека нивните сметки за струја се зголемени, а потрошувачката ја припишаа на машините за копање.