Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Ерик Верлинде е холандски теоретичар на физика кому големите и храбри научни идеи не му се далечни.
Верлинде во 2009 година пласираше идеја за гравитацијата која му донесе споредби со Ајнштајн за неговото целосно преосмислување на тоа што е гравитацијата. Верлинде предложи дека гравитацијата не е фундаментална сила во природата туку дека таа произлегува од интеракциите на информациите што го исполнуваат универзумот. Исто така, тој смета дека не постои нешто како „темна материја“ – корисен конструкт што наводно зазема 27% од познатиот универзум (но се’ уште не била забележана). Сега, во ново интервју, Верлинде открива дека презема чекори кон концептуализација на неговите темелни идеи во комплетна теорија.
Верлинде разбира зошто многумина имаат проблем да го прифатат оригиналниот предлог. Сепак, претходните водечки објаснувања на гравитацијата биле дадени од страна на Њутн, кој ја сфаќал како невидлива влечна сила, и од Ајнштајн, кој ја сфаќал како последица на искривувањето на време-просторот од масата и енергијата.
Според Верлинде, на основа на теоријата на струни, квантната информациска теорија и физиката на црните дупки, гравитацијата е „ентрописка“ сила што настанува како резултат на „информациите поврзани со позициите на материјалните тела“, како што пишува во неговиот труд од 2011 година. Гравитацијата е поттикната од квантната испреплетеност на ситните делови времепросторни информации.
Десет години по објавувањето на неговите идеи во форма на труд кој предизвика широки дискусии, и помеѓу неговите следбеници и помеѓу критичарите, Верлинде вели дека истите се’ уште ги развива, врз основа на истражувањата и пробивите случени оттогаш.
Некои од студиите направени за тестирање на теоријата на Верлинде ги потврдуваат неговите идеи, а други идентификуваат несогласувања. Сепак, научници како теоретичарот Конрад Шалм од Универзитетот во Лајден застанува на страната на Верлинде, велејќи дека „наспроти мислењата на скептиците, работата на Верлинде е дефинитивно сфатена сериозно“. Всушност, Верлинде, кој е и добитник на наградата „Спиноза“, е цитиран повеќе од 700 пати од страна на други научници.
Самиот физичар чувствува дека неговата теза за информацијата како фундаменталниот градбен механизам на универзумот станува поприфатена. Можеби долго очекуваниот нов труд на темата може да ја донесе тезата на уште посилна позиција среде денешните главни идеи во физиката.