Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Регулаторната комисија денеска за јавноста ги соопшти четирите тарифни блока кои ќе бидат клучни при пресметката на сметките за електричната енергија за домаќинствата. Според најавите, електричната енергија во пониските блокови ќе чини поевтино, додека оние што трошат повеќе ќе плаќаат поскапо.
При одредувањето на тарифниот блок ќе се зема во предвид само потрошената електрична енергија во висока тарифа (скапа струја):
прв тарифен блок: од 0 до 210 kWh;
втор тарифен блок: од 210 kWh до 630 kWh;
трет тарифен блок: од 630 kWh до 1 050 kWh;
четврт тарифен блок: над 1 050 kWh.
Денеска, сепак, РКЕ не ги соопшти и цените на електричната енергија по тарифни блокови. Тоа што може да се претпостави со голема сигурност е дека оние кои ќе бидат во четвртиот тарифен блок, ќе плаќаат пазарна цена на електричната енергија. За пример, струјата за домаќинствата во скапа тарифа во моментов е 7,32 денари додека пазарната цена е околу 15 денари за kWh.
Цените за тарифните блокови ќе бидат објавени во среда.
„Во текот на оваа недела, најверојатно в среда РКЕ ќе одржи подготвителна и главна седница на која ќе ги соопшти цените на блоковите и ниските тарифи, а до тогаш ќе ги оставиме познатите експерти во државата да лицитираат со цените“, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Новиот начин на пресметка на сметките за струја е одвоен процес од очекуваното поскапување на електричната енергија за домаќинствата. Веќе е извесно дека компанијата која ги снабдува домаќинствата, т.н. универзален снабдувач (ЕВН Хоум), ќе мора да потроши повеќе пари за да обезбеди струја за домовите, што значи дека ќе побара поскапување на цената од Регулаторната комисија за енергетика. Најголемиот дел од струјата за домаќинствата ЕВН ги купува од домашната ЕСМ (Електрани на Северна Македонија). Токму Електрани, деновиве понудија струја далеку поевтина од пазарната, но сепак поскапа од изминатата грејна сезона.
„Дополнително, имаме ситуација да уредбата за кризна состојба се укина и исто така универзалниот снабдувач ќе има обврска да ја откупува електричната енергија и од повластените производители, тоа е некаде околу 10 милиона евра, и цената на ЕСМ е нешто повисока, од 41 евро на 48 евра за мегават часа, но притоа треба да се знае дека и ЕСМ ќе обезбеди загуби на електрична енергија во дистрибутивната мрежа по 143 евра за мегават час. Така да ЕСМ сериозно влијае на намалувањето на ризиците врз цената“, кажа денеска Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
МЕПСО и Електродистрибуција минатата недела веќе доставија барање до РКЕ за зголемување на нивниот дел во цената на електричната енергија за 60 до 80 отсто.