Најмалку 950 загинати во стравичниот земјотрес во Авганистан


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Властите во Авганистан задолжени за справување со катастрофи соопштија дека најмалку 950 луѓе загинале, а повеќе од 600 се повредени во земјотресот кој рано наутро ја погоди земјата, пренесе „Ројтерс“.

Во неколку области е забележана сериозна материјална штета.

„Бројот на загинати најверојатно ќе се зголеми бидејќи некои планински села се во оддалечени области и ќе биде потребно извесно време да се соберат сите детали“, рече претставникот на Министерството за внатрешни работи,Салахудин Ајуби.

Јачината на земјотресот изнесувала 6,1 степени според Рихтеровата скала, а потресот ги погодил густо населените делови на Авганистан и Пакистан во раните утрински часови, соопшти Американскиот геолошки институт (USGS).

Снимките и фотографиите објавени на социјалните мрежи, по земјотресот што ја погоди провинцијата Пактика, покажуваат луѓе на носилки, урнатини и уништени куќи.

Најголем дел од жртвите се регистрирани во Пактика, но жртви има и во источните провинции Нангархар и Кост.

Земјотресот погодил густо населена област на границата меѓу Авганистан и Пакистан, а бил почувствуван во радиус од 500 километри, јави Би-би-си.