Пендаровски смета дека целта на Бугарија е Бугарите во Македонија да влезат во нормативниот дел од Уставот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Македонскиот претседател Стево Пендаровски вели дека понудениот предлог од Франција може да биде добра основа за компромис со кој Македонија ќе може да влезе во преговарачкиот процес со ЕУ, но смета дека на прашања како што се историските не им е местото во Преговарачката рамка.

Во интервју за ТВ24, Пендаровски откри дека Бугарија не бара Бугарите да бидат наведени само во Преамбулата на Уставот, туку и во неговиот нормативен дел. Пендаровски вели дека ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите. Во нормативниот дел на Уставот сега се споменуваат само македонскиот народ, Македонците кои живеат надвор од границите на државата, МПЦ и Исламската верска заедница, пренесува Дојче Веле.

Притоа, тој вели дека Софија не зборува за „Бугари“, туку за „македонски Бугари“, нешто што тој го толкува како враќање кон „срамната теза“ за дебугаризација на Македонија.

Шефот на државата вели дека за него би било неприфатливо во преговарачката рамка со ЕУ да влезат историски прашања и оспорување на јазикот.

„Никакво чепкање и ревизија на историјата. Јазик и историја не! Ќе има комисија, но напредокот во нејзината работа на ниту еден начин нема да биде предуслов за напредок кон ЕУ“, вели Пендаровски.

Тој оценува дека за Северна Македонија не е лошо доколку во бугарскиот спор се вклучи и трета страна, алудирајќи на вметнувањето на некои прашања од билатералниот спор во преговарачката рамка, со што и ЕУ ќе биде контролор на нивното спроведување.

Пендаровски го советувал премиерот Димитар Ковачевски да не оди на најавениот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел

Пендаровски вели дека на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, Бугарија излегла со пет нови барања за измени во францускиот предлог, а меѓу нив и едно во делот на јазикот со кое се барало „бугарското толкување за македонскиот јазик да добие еднаква правна сила во преговарачката рамка“. Меѓудругото и поради таквиот развој на настаните, Пендаровски рече дека го советувал премиерот Димитар Ковачевски да не оди на најавениот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел в четврток на 23 јуни.

„Самит Западен Балкан-ЕУ? За што да одиме кога ниту една земја не напредува“, вели Пендаровски.

Ковачевски, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, најавија дека размислуваат дали да одат на самитот во Брисел.
Пендаровски вели дека, сепак, не му се допаѓа што таква одлука се носи на ниво на Отворен Балкан- иницијатива која треба да има чисто економска поента- а не политичка.

Одлуката на Бугарската православна црква од вторникот со која беше призната македонската православна црква, но не и нејзиното име (МПЦ-ОА), Пендаровски ја оценува како „безобразие“.